Тимови за пребарување и спасување продолжуваат со истрагата на местото каде што се урна приватен авион од Либија во Турција, при што загинаа началникот на либиската армија и уште неколку високи офицери. Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека се пронајдени црните кутии од кокпитот, додека потрагата по посмртните останки на жртвите продолжува.
Авионот, во кој се наоѓале генералот Мухамед Али Ахмад ел Хадад, уште четворица офицери и тројца членови на екипажот, се урнал во вторникот кратко по полетувањето од Анкара. Сите лица во леталото го загубиле животот. Либиските власти соопштија дека, според првичните информации, причина за несреќата бил технички дефект.
Висока либиска делегација се враќала во Триполи по разговори за одбранбена соработка одржани во Анкара. Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека остатоците од авионот се распрснати на површина од околу три квадратни километри, што значително ги отежнува спасувачките и истражните активности.
Тој информираше и дека делегација од 22 лица, меѓу кои и пет членови на семејства на загинатите, пристигнала од Либија за да учествува и помогне во истрагата. Либискиот премиер Абдул Хамид Дбеибах ја потврди смртта на генералот, оценувајќи ја несреќата како „голема загуба“ за земјата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговарал со Дбеибах и изразил сочувство до семејствата на жртвите, соопшти неговиот кабинет.
Остатоците од леталото се пронајдени во близина на селото Кесикавак, во реонот Хајмана, на околу 70 километри јужно од Анкара. По ноќта со силен дожд и магла, спасувачките операции беа интензивирани. Областа е обезбедена од жандармеријата, а Турската агенција за управување со катастрофи постави мобилен координациски центар и распореди специјализирани возила поради калливиот терен.
Турските власти назначија четворица обвинители кои ќе ја водат истрагата, додека во операциите се ангажирани вкупно 408 припадници на службите за пребарување и спасување.
Ел Хадад беше врховен воен командант во западна Либија и имаше клучна улога во напорите, со посредство на Обединетите нации, за обединување на поделените либиски воени структури. Либиската влада прогласи тридневна национална жалост, со спуштање на знамињата на половина копје на сите државни институции.