Тројца планинари – 62-годишен маж, неговата 60-годишна сопруга и неговиот 60-годишен брат – загинаа вчера во удар од гром додека се спуштале од врвот Митагшпице (2.635 метри надморска височина) во Тирол, Австрија.
Несреќата се случила додека групата се обидувала да се врати поради ненадејна промена на времето. Спуштањето го започнале околу 12:30 часот, но откако не се вратиле, нивните роднини алармирале надлежните служби. Во потрагата беа вклучени полицијата, алпската служба за спасување и хеликоптер на брзата помош.
Временските услови значително ја отежнале потрагата – теренот бил погоден од обилни врнежи, магла и силни ветрови. Хеликоптерот не можел да слета, но екипажот од воздух забележал три неподвижни тела покрај обележана патека на височина од околу 2.268 метри.
Лекарот кој пристигнал на местото можел само да ја констатира смртта на тројцата планинари. Окружниот лекар потврдил дека сите починале како последица на директен удар од гром.
Патрик Вехнер, раководител на операциите на алпската полиција, изјави дека семејството доставило детален опис на планираната рута, што помогнало во брзото лоцирање на жртвите. Тој истакна дека станува збор за искусни планинари и додаде дека несреќата се случила во предворјето на планината Хоер Рифлер.
Оваа трагедија уште еднаш потсетува на опасностите од планинарењето во нестабилни временски услови.