Три лица загинаа во експлозија што се случи во вторникот вечерта на улицата Елетскаја во јужна Москва, соопшти Руски истражен комитет. Меѓу загинатите се и двајца припадници на руската сообраќајна полиција.
Според официјалните информации, полицајците забележале сомнително лице во близина на службено возило и се обиделе да го идентификуваат. Во моментот кога му се приближиле, била активирана експлозивна направа.
„Двајца полицајци и уште едно лице кое се наоѓало во нивна близина починале на самото место како последица на здобиените повреди“, наведува Истражниот комитет, пренесува The Guardian.
Неофицијални информации објавени на руски канали на Телеграм сугерираат дека лицето кое ја активирало бомбата е меѓу загинатите, но овие наводи не можеа независно да бидат потврдени, наведува Reuters.
Експлозијата се случила во густо населен дел од градот. Снимки емитувани на руските телевизии прикажуваат обезбедена зона со присуство на бројни полициски возила, додека очевидци изјавиле дека инцидентот се случил околу 1:30 часот по локално време.
На местото на настанот се распоредени екипи на полицијата, Истражниот комитет, Росгвардија и службите за итна медицинска помош.
Руските власти потврдија дека е отворена кривична постапка и дека ќе бидат спроведени повеќе форензички испитувања, со цел да се утврдат точните околности на инцидентот, видот на експлозивната направа и начинот на нејзино активирање. Истрагата ја презеде државното обвинителство.
Засега не е соопштено дали третото загинато лице е напаѓачот, ниту дали постои поврзаност со организирани групи или политички мотиви.
Инцидентот доаѓа два дена по убиството на рускиот генерал Фанил Сарваров, кој загина во експлозија на автомобил-бомба во Москва, во близина на истата локација. Тоа е трет ваков случај на убиство на висок воен функционер во главниот град во изминатата година.
🇷🇺🇺🇦 Moscow appears hit by another terror attack
— The Other Side Media (@TheOtherSideRu) December 24, 2025
An explosion in southern Moscow killed three — two police officers and an unidentified suspect
Officers noticed a suspicious person near their patrol car overnight, but as they moved to detain them, an explosive device detonated… pic.twitter.com/K5Jpeu9OJD
По настанот, руски претставници и провоени коментатори јавно повикаа на брз одговор за нападот.