Турција ги продолжува контактите со претставниците на Обединетите нации, Русија и Украина за продолжување на „договорот за жито“ што истече на 17 јули и беше раскинат од руска страна, соопшти турското Министерство за одбрана, додавајќи дека рускиот персонал го напуштил Заедничкиот координативен центар во Истанбул, јави агенцијата Анадолија.
– Се надеваме дека оваа иницијатива, која даде голем придонес во стабилизацијата на светските цени на храната и докажува дека сите кризи можат да се решат со добра волја и дијалог, ќе продолжи да постои. Во координација со Министерството за надворешни работи, продолжуваат нашите контакти со ОН, Руската Федерација и украинските власти за продолжување на „иницијативата за жито“, која истече на 17 јули и беше прекината од страна на Руската Федерација. Република Турција под раководство на нашиот претседател, ќе продолжи да дава свој придонес за обезбедување мир во регионот и хуманитарна помош, како што тоа го правеше досега, рече полковникот Зеки Актурк, портпарол на Министерството за одбрана на Турција.
Додека продолжуваат напорите и иницијативите за продолжување на договорот за Црноморскиот коридор за жито, турската страна во исто време ќе обезбеди продолжување на работата на Заедничкиот координативен центар во Истанбул со доволен персонал, соопшти Министерството.
Испораките на жито се вршат според договорот потпишан во Истанбул на 22 јули минатата година меѓу Турција, Руската Федерација, Украина и Обединетите нации, со кој се обезбедува безбеден коридор за извоз на жито и прехранбени производи од украинските пристаништа. Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар за проверка на товарот.
Москва, која постојано се согласуваше да го продолжи договорот, се повлече од договорот по уште еден краен рок на 17 јули. Руската страна долго време се жали дека остануваат пречки за нејзиниот извоз на жито и вештачки ѓубрива, иако тие не се директно покриени со западните санкции, и презентираше голем број барања за кои вели дека не се исполнети.