Продолжуваат интензивните преговори за прекин на војната во Украина. Американските претставници денес треба да одржат состаноци со руските и украинските делегации во Абу Даби, во период кога украинската престолнина Киев повторно беше мета на силни руски воздушни напади.
Шест загинати во Киев по новите руски удари
Киев околу полноќ се најде под нов масовен руски напад во кој загинаа најмалку шест лица. Украинските власти соопштија дека погодени се повеќе стамбени згради, а бројот на повредени расте.
Истовремено, Украина изведе напади врз цели во Русија, при што три лица загинаа, а има и ранети.
Иако иницијалната верзија на американскиот мировен план беше остро критикувана од Киев и европските лидери, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека последните преговарачки измени донеле „многу добри елементи“.
Во следните денови се очекува нов круг разговори, а американските преговарачи веќе пристигнуваат во Абу Даби на средби со руските и украинските претставници.
Нови информации од Кремљ
Кремљ денеска соопшти дека разбира оти во Трамповиот план се прават измени и додаде дека документот може да биде „многу добра основа“ за понатамошни преговори.
Украински министер: Очекуваме средба на Зеленски со Трамп
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека украинската и американската делегација постигнале „заедничко разбирање“ за клучните точки во Женевa и дека Киев очекува што поскоро да се организира посета на претседателот Зеленски во Вашингтон.
Ескалација на фронтот и во дипломатската арена
Според Зеленски, Русија ноќеска лансирала 22 ракети и повеќе од 460 дронови, од кои дел навлегле и во воздушниот простор на Молдавија и Романија. НАТО потврди дека биле подигнати германски и американски борбени авиони поради инциденти со дронови во Романија.
Паралелно, BBC објави дека Украина би можела да го прифати изменетиот план, кој – по европските амандмани – повеќе не се смета за еднострано поволен за Русија.

