Катедралата Света Софија и манастирската зграда во Кијив кон средината на овој месец ќе бидат ставени на листата на загрозено светско наследство, како и историскиот центар Лвив, во западниот дел на Украина, поради руската инвазија на таа земја, соопшти Организацијата за образование, наука и култура на ОН (УНЕСКО), пишува Њуз ин Франс.
Овие места се под закана од уништување. Имаше напади на тампон зоните на тие локации и не знаеме што ќе се случи во иднина, изјави директорот за Светско наследство Лазар Елунду.
Комитетот за светско наследство, кој ќе се состане од 10 до 25 септември во Ријад, „веројатно“ ќе ја донесе таа одлука врз основа на мислењето на експертите дека двете локации се во „докажано опасна ситуација, додаде Елунду.
Овие локации ќе бидат додадени на листата на загрозено светско наследство, каде што веќе се наоѓа централниот дел на Одеса, чии неколку згради беа уништени при крајот на јули во „бруталните руски напади“, соопшти УНЕСКО.
На почетокот на јули во Лвив беше нападната историска зграда, што, според УНЕСКО, сè уште претставува „прв“ напад од почетокот на конфликтот врз зона заштитена со Конвенцијата за светско наследство, а со тоа и прво „прекршување “ на таа конвенција, на која Русија е потписник.
УНЕСКО евидентира штети на 270 украински културни објекти од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година.
Катедралата Света Софија, која се наоѓа во историскиот центар на Кијив, е еден од главните споменици што ја претставуваат архитектурата и уметноста од почетокот на 11. век во Украина, соопшти УНЕСКО.
Од 1990 година овој храм е впишан како Светско наследство.
Историскиот центар Лвив, град основан во средниот век, беше вклучен во списокот на светско наследство во 1996 година.