Бројот на вработени во американската агенција за развојна помош УСАИД, почнувајќи од овој викенд, треба да почне драстично да се намалува. Според медиумски извештаи, владата на американскиот претседателДоналд Трамп сака да го намали бројот на вработени од над 10.000 на нешто под 300. Претставник на синдикатот ја потврди ваквата информација.
Радиото НПР објави дека на американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио му била претставена листа од околу 600 вработени чија работа се сметала за суштинска ширум светот. Сепак, Рубио оценил дека помалку од 300 луѓе треба да бидат изоставени од мерката „административно отсуство“.
„Ќе мораме да престанеме да дистрибуираме храна во одреден момент“
„Во одреден момент ќе мораме да престанеме да дистрибуираме храна бидејќи веќе нема да имаме луѓе на терен за да се осигураме дека храната навистина се дистрибуира“, изјави Ренди Честер, потпретседател на синдикатот Американска асоцијација за надворешни служби.
УСАИД претходно соопшти дека речиси целиот нејзин персонал од петок ќе биде ставен на одмор. Во соопштението објавено на интернет во вторникот (4.02), на вработените им беше даден рок од 30 дена да се вратат дома.
Синдикатите сакаат да се спротивстават на мерките на американската влада и да го запрат можното распуштање на агенцијата. Две организации кои ги претставуваат вработените поднесоа тужба до федералниот суд во Вашингтон, повикувајќи го судот да ја запре „ефикасната демонтажа“ на агенцијата. Тужбата следи по аргументацијата на демократските пратеници кои велат дека УСАИД е законски заснована независна агенција и не може да биде затворена без одобрение од Конгресот.
Американската асоцијација за надворешни служби и Американската федерација на владини службеници побараа од федералниот суд да принуди повторно отворање на зградата на УСАИД, да ги врати вработените на работа и да го врати финансирањето на агенцијата.
Американскиот претседател Трамп уште во јануари ги замрзна средствата за УСАИД. Тој силно ја критикува агенцијата одговорна за развојна соработка и хуманитарна помош. Трамп повеќепати изјави дека УСАИД ја водат радикални „лудаци“ кои попусто ги трошат парите на даночните обврзници.
Драстичните намалувања се дел од планот на Трамп и неговиот советник Илон Маск за радикално намалување на агенциите на американската сојузна влада. Маск го нарече УСАИД „гнездо на радикални левичарски марксисти кои ја мразат Америка“ и „криминална организација“.
За УСАИД работат околу 10.000 луѓе работат, од кои две третини се надвор од САД. Минатата година во проекти за развојна помош беа инвестирани околу 50 милијарди американски долари (48 милијарди евра). Ненадејната загуба на американската развојна помош би имала сериозно влијание ширум светот. САД се сметаат за најголем донатор во светски рамки.