Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на средбата со Володимир Зеленски во Минхен уверувал дека Вашингтон се залага за траен мир во Украина.
Во Киев со нетрпение се очекуваат разговори меѓу шефот на украинската држава и претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп по шокот предизвикан од телефонскиот разговор на Трамп со Владимир Путин оваа недела.
Од средбата меѓу Венс и Зеленски, која траеше околу 40 минути, немаше повеќе информации за тоа како да се планира излез од најтешкиот конфликт во Европа по Втората светска војна.
Венс рече дека администрацијата на претседателот Трамп е посветена на постигнување траен мир меѓу Украина и Русија.
„Во суштина целта е како што рече претседателот Трамп, сакаме војната да заврши“. Сакаме убиствата да престанат“, рече Венс по состаноците.
Украинскиот претседател на мрежата Икс напиша дека се „подготвени што побрзо да се придвижат напред кон вистински и гарантиран мир“ и ја поздрави „одлучноста“ на Доналд Трамп, кој, додаде, „може да придонесе за завршување на војната“.
Венс и Зеленски уверувале дека имале „добар разговор“ за тоа како да се постигнат целите и дека ќе следат други дискусии „во наредните денови, недели и месеци“, според американскиот потпретседател.
Телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин и најавената желба да се изврши притисок за одржување на преговорите за Украина ги зголеми стравувањата во Киев и Европа дека конфликтот може да се реши на нивна штета.
Шефот на украинската држава пред светската дипломатска елита во Минхен ги постави своите услови за дијалог со Русија.
„Ќе се сретнам со Русите, само со еден Русин, Путин, но само кога ќе имаме заеднички план со Трамп, со Европа“, рече Зеленски, пренесоа медиумите.