Израелски воздушен напад погоди училиште во Газа каде биле сместени раселени семејства, при што загинаа најмалку 10 лица. Нападот предизвика пожар во шаторите и училниците на училиштето „Јафа“ во населбата Туфах во градот Газа.
Израелската армија соопшти дека целта биле борци на Хамас и Исламски џихад кои, според нив, делувале од внатрешноста на училиштето, и дека биле преземени мерки за намалување на штетата врз цивили. Сепак, очевидци опишуваат сцени на паника и ужас, со луѓе кои ги носеле изгорените тела на деца и повикувале на помош.
По прекинот на примирјето во март, израелските напади во Газа резултираа со смрт на над 1.600 лица, главно цивили, според здравствените власти во Газа. Израел ги прошири операциите за да создаде т.н. безбедносна зона, што доведе до раселување на стотици илјади луѓе. Дополнително, Израел наметна целосна блокада на влез на стоки, вклучувајќи храна, гориво и струја – состојба што го доведе здравствениот систем во Газа на раб на колапс.
Денеска воздушен напад ја погоди и Детската болница „Дура“ во Газа, оштетувајќи го одделението за интензивна нега и уништувајќи го соларниот енергетски систем што ја напојува установата. Иако немаше жртви, нападот го влоши функционирањето на болницата во веќе критични услови. Истовремено, Хамас објави видео со заложникот Омри Миран, повикувајќи на договор за прекин на огнот. Израелските власти го отфрлија видеото како психолошка војна.
Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Британија побараа од Израел да го почитува меѓународното право и да дозволи неограничен пристап за хуманитарна помош. Тие нагласија дека Палестинските територии не смеат да бидат предмет на демографски промени, ниту да се користи хуманитарната помош како политичка алатка. Израелското МНР ја отфрли критиката, тврдејќи дека нема недостиг од помош – изјава што ја побиваат медицинскиот персонал и цивили кои се соочуваат со недостиг од храна и лекови.