Четири воени дронови ја пробиле забранетата зона за летање и се насочиле кон авионот на украинскиот претседател Володимир Зеленски непосредно пред неговото слетување во Даблин во понеделникот, објави The Telegraph. Според проценките, доколку авионот слетал во предвиденото време, дроновите би се нашле директно на неговата патека.
Зеленски пристигнал нешто поранооколу 23 часот што веројатно спречило сериозен безбедносен ризик.
Беспилотните летала, кои не биле регистрирани, подоцна кружеле над брод на ирската морнарица тајно распоредeн во Ирското Море поради првата официјална посета на Зеленски на Ирска. Според The Journal, дроновите полетале од подрачје североисточно од Даблин и летале околу два часа. Не е познато кој ги лансирал и каде завршиле.
Безбедносни извори сметаат дека намерната употреба на светла на дроновите укажува на обид за нарушување на безбедноста на претседателската посета што би претставувало форма на хибридно војување.
Европратеникот Бери Ендрјус предупреди дека управување со дрон во оваа зона е кривично дело, истовремено благодарејќи им на ирските воздухопловни и полициски служби за „успешната заштита“ на Зеленски и неговата сопруга.
Инцидентот во Ирска следи по серија упади на дронови во Европа, кои неодамна доведоа до затворање на аеродроми во Брисел, Данска и Берлин. Русија веќе неколку месеци се обвинува дека користи „тајна флота“ нафтени танкери за лансирање дронови од отворено море, со што предизвикува вознемирување на европските воздушни пристаништа и воена инфраструктура.
Анализа на The Telegraph покажува дека танкерот Boracay се наоѓал во Балтичкото Море токму во периодите кога биле забележани големи групи дронови, вклучително и во септемврискиот напад што ја парализираше аеродромската операција во Копенхаген. Иако бродот подоцна бил запленет од француската крајбрежна стража, други танкери од истата мрежа и натаму се активни.
Според Зеленски, Русија користи вакви бродови за „лансирање и управување со дронови над европските градови“, предупредување што првиот човек на Украина го упати уште на 28 септември, повикувајќи се на разузнавачки податоци.
Инцидентот над Ирска ја засилува загриженоста во европските престолнини дека Москва ги проширува хибридните операции на ново, позагрижувачко ниво.

