Војната во Украина и битката за Црно Море

Мирјана ВАСИЛЕВА

Црно Море кое ја дели Европа и Азија, и црноморскиот басен, каде што денеска се одвиваат логистички воени поморски дејствија поврзани со руската агресија  во Украина, повторно се најдоа во фокусот на вниманието по соборувањето на американскиот дрон Reaper.

Информациите што го толкуваа инцидентот посочуваа дека се случил на околу 120 километри западно од Крим.

Судејќи според тврдењата на Пентагон, и видеото што беше објавено, два руски Су-27 го забележале американскиот шпионски дрон и му организирале придружба. Според Москва двата руски ловци не го срушиле директно, но очигледно придонеле дронот да изгуби контрола и да падне во меѓунатодните морски води.

Додека се очекува исходот на истрагата за падот на дронот во Црно Море добрите познавачи на овој регион потсетуваат над водите на ова море со децении не биле евидентирани геополитички тензии. Се разбира, причина за тоа беше фактот што за време на Студената војна и нешто подоцна, Црно Море беше главно под контрола на Москва, како преку територијата на СССР, односно Руската Федерација, така и преку териториите на земјите-членки на Варшавскиот пакт – Бугарија и Романија, кои сега се дел од НАТО алијансата. Всушност, за време на Студената војна, само Турција, која тогаш, како и денес, беше членка на НАТО, беше областа преку која западните сили можеа да проектираат контрола над Црно Море.

Руските стратешки операции за контрола на Крим и на Црно Море

Кога во 2014 година Русија го анектираше Крим, тоа беше стратешка воена операција, меѓу другото, за да спречи целосна деградација на нејзиното влијание врз Црно Море.

Да потсетиме, ривалството мегу Русија и Украина со децении е проткаено со многу спорови кои се решаваа со исто толку многу договори. Еден од нив е договорот од 2003 година за Црно Море, според кој се гарантира целосна слобода на движење на цивилните и воените бродови на двете земји преку водите на Керчкиот премин.

Меѓутоа, откако во 2014 година го презеде Крим, Русија де факто стекна контрола над влезот во Азовското Море, бидејќи сега ги владее двете страни на преминот кој го одвојува од Азовското од Црно море. Нејзината воена надмоќ во однос на Украина е со тенденција да го претвори азовскиот поморски простор во „руско езеро“.

За да го стави својот „потпис“ за контрола на Крим и на каналот што ги поврзува Азовско со Црно Море, во мај 2018 година беше пуштен во употреба мостот со кој континентална Русија се спои со Кримскиот полуостров.

Дел од Црноморската флота на Руската морнарица во базата во Севастопол

Истo така, како стратешка точка,  главната руска поморска база се наоѓа во Севастопол на Крим, но доколку не се случеше анексијата на полуостровот, и ако Украина после Мајдан ја задржаше контролата врз целата земја, денес Русија во  областа на Црно Море,  ќе го контролираше  само источниот дел.

НАТО во Црно Море

Денес, откако Кремљ се позиционираше делумно и на источниот брег, поради војната во Украина тензии се чувствуваат низ целото крајбрежје. Романија, земја членка на НАТО, која контролира околу 3.000 квадратни километри од Црно Море, веќе извесно време е во состојба на готовност. Воени извори од Романија тврдат дека руските воени бродови доста често се појавуваат во нивната ексклузивна поморско-економска зона.

Од друга страна, пак, Русија има силна морнарица, но дури и тоа не ѝ помогна да ја одржи контролата над стратешки многу важниот Змиски остров, украински остров блиску до Романија. Територијата на Романија секако е во дострелот на руските ракети, а од Крим е на само околу 225 километри.

Властите во Букурешт најавија зголемување на годишните воени трошоци на 2,5 отсто од БДП, но тоа е прилично голем товар за земја која е позната како една од најсиромашните во Европската Унија. Сепак, романските воени планери планираат да купат две француски подморници и 32 парчиња воени авиони Ф-16 заедно со нови хеликоптери.

Романскиот премиер Николае Чиука е поранешен војник кој служел во Ирак и Авганистан, а во Романија е познат како „Пустинскиот генерал“. За него пишуваат медиумите дека  е човек кој ја има довербата на Американците и дека, меѓу другото, е  голем заговорник да ја зајакне романската одбрана, која вклучува околу 4 милијарди евра за американските системи земја-воздух „Патриот“.

Воздушната база 57 на американските воени сили во Романија

Големата Воздушна база 57 се наоѓа во близина на пристанишниот град Констанца. Таа е една од шесте воени бази во Романија до кои силите на НАТО имаат пристап. Ова е исто така област на нова акумулација на силите на директна американска моќ – околу 10.000 американски војници ќе бидат стационирани во овие бази во наредните години, а базата 57 би можела да стане романска верзија на германската Рамштајн, главната американска воздушна база во Германија.

Другите „пливачи“ во Црно Море

Кога станува збор за Турција, таа се наоѓа во пресекот на трите таканаречени зони на ексклузивен простор што го воспостави Русија. Една е Крим од 2014 година, друга во Кавкаскиот со руските „мировни“ сили во Ерменија, и трет, од 2015, олицетворен во трупите на сирискиот брег.

Иако е загрижена заради таквата состојба, Анкара засега не повлекува потези кои би го довеле во прашање нивното учество за  воена контрола над црноморскиот простор.  Досегашните солидни односи со Москва произлегуваат од енергетскиот домен  и  се зацврстија со гасоводот „Турски тек“.

И покрај тоа што Турција презеде повеќе активности како регионален играч за мирно разрешување на војната во Украина, потоа околу  ослободувањето на затвореници од двете страни, во деблокадата со ОН за извоз на жито, Анкара  суверено го контролира својот дел од Црно море според Конвенцијата од Монтре од 1936 година.

Грузија е една од шесте земји што излегува на брегот на Црно Море со околу 25 километри југоисточно од рускиот град Сочи.

Голем дел од брегот на Грузија сега е под контрола на Абхазија за којашто за Москва е независна земја, а всушност, таа е еден од двата грузиски региони кои се отцепија по кратката руско-грузиска војна во август 2008 година (другиот е Јужна Осетија).

Со повеќе од половина од грузискиот брег на Црно Море под Абхазија, руското присуство и овде е значително.

Битката за Украина секако е и битка за Црното Море, а инцидентот со американскиот дрон само дополнително го привлече вниманието кон ова море, најмногу заради отворените амбиции да го заземат целиот украински брег и да се спојат со Придњестровје во Молдавија.

НАТО, според анализите, не може да го игнорира овие амбиции на Москва, но веќе прави сѐ за да го спречи тоа. Како еден од одговорите на овие закани на Русија, поучена од геостратегиските потези на Кремљ, Алијансата планира кај своите  сојузници од Југоисточна Европа да создаде нови бази, меѓу кои дел од нив ќе бидат и на крајбрежјето на Црно Море во Романија и Бугарија.

Треба да знаете
Moже да ве интересира