Владата го усвои предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кој вкупните расходи се зголемуваат за околу 179 милиони евра, а буџетскиот дефицит номинално расте на 46,1 милијарда денари.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека најголемиот дел од дополнителните средства ќе биде насочен кон капитални инвестиции и инфраструктурни проекти.
Од предвиденото зголемување на расходите, околу 100 милиони евра се наменети за капитални инвестиции. Капиталните расходи со ребалансот достигнуваат околу 46 милијарди денари, што е зголемување за 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти во однос на првичниот Буџет.
Најмногу дополнителни пари ќе добијат министерствата за животна средина и за транспорт.
Министерството за животна средина ќе располага со дополнителни 2,3 милијарди денари за капитални расходи, од кои околу една милијарда денари се средства обезбедени преку кредити и други приходи.
За Министерството за транспорт се предвидени дополнителни 1,4 милијарди денари. Според министерката, средствата се обезбедуваат поради силната реализација на инфраструктурните проекти и исцрпувањето на првично планираните пари за капитални расходи.
Министерството за образование ќе добие дополнителни 426 милиони денари, додека за Државната изборна комисија се обезбедени уште 200 милиони денари за обновување на опремата и инвентарот.
Со ребалансот се зголемуваат и средствата за плати за 1,1 милијарда денари.
Расходите растат на 425,2 милијарди денари
Буџетските приходи се ревидираат од 374,9 на 379,2 милијарди денари, додека вкупните расходи се зголемуваат на 425,2 милијарди денари.
Дефицитот расте од првично планираните 39,2 милијарди денари на 46,1 милијарда денари. Иако дефицитот номинално се зголемува за 6,9 милијарди денари, Владата тврди дека неговото учество во бруто-домашниот производ ќе остане на 4,1 проценти.
Димитриеска-Кочоска оцени дека зголемувањето на дефицитот првенствено ќе финансира капитални проекти, а не тековна потрошувачка.
„Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој“, изјави министерката.
Дефицитот и долговите ќе се покриваат со ново задолжување
Буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долговите, во вкупен износ од околу 76,4 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
Дел од дополнителните приходи, според Министерството за финансии, ќе бидат обезбедени и од очекувани донации и повисоки неданочни приходи на државните институции.
По усвојувањето од Владата, предлог-ребалансот треба да биде доставен до Собранието, каде што ќе следува комисиска расправа и гласање.
