„Мицкоски е бесен“, вака дел од бугарските медиуми ја оценуваат изјавата на премиерот за Ива Михаилова

Со зборовите „бесен“ и „се закани“, дел од бугарските медиуми денес ја пренесоа изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за Ива Михаилова и нејзиниот татко. Во нивните наслови, покрај барањето двајцата да се соочат со македонското правосудство, во преден план се најдоа неговиот остар тон и обвинувањата кон политичкото раководство во Софија.

Порталот „Њуз.бг“ во насловот го опишува Мицкоски како „бесен на Бугарија“ и решен да ги изведе Михаилова и нејзиниот татко пред македонското правосудство. Написот се повикува на БТВ, која известува за остри критики кон бугарските власти и за неговото негирање на тврдењата дека Михаилова ја преминала границата преку официјален премин.

„Офњуз“ ја избира формулацијата „Мицкоски се закани“, поврзувајќи ја со неговото уверување дека Ива Михаилова и татко ѝ ќе одговараат пред правосудството. Слично го поставува насловот и бугарски „Стандард“, кој ја нагласува тензијата околу случајот и изјавата ја претставува како закана кон Михаилова.

Дел до другите медиуми пак, во воведот оценуваат дека премиерот го искористил случајот за да упати обвинувања кон Бугарија. Регионалниот медиум „Вјара њуз“, пак, зборува за жестоки закани кон Михаилова и нејзиниот татко. Таквите формулации се редакциски оценки за настапот на Мицкоски, додека во текстовите се пренесуваат неговите барања за нивно враќање во Македонија.

Во самата изјава, Мицкоски ги отфрли тврдењата дека Михаилова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров поминале преку регуларен граничен премин. Според премиерот, таа била нелегално пренесена во Бугарија, а МВР истражува како ја напуштила државата. Тој наведе дека последното регистрирано влегување на адвокатот било на 28 септември и дека, според него, тоа го потврдила и бугарската страна.

Бугарските извештаи посебно ги издвојуваат и неговите зборови дека политичкото раководство во Софија се обидува да покаже „политички мускули“. Мицкоски ја обвини Бугарија дека од таткото на Михаилова прави јавна ѕвезда, наместо да го предаде за издржување на затворската казна. Повтори дека и таткото и ќерката ќе се соочат со правдата, а ги отфрли и наводите дека нејзиното заминување било договорено со Софија.

Двата судски предмета имаат различен статус. Против Ива Михаилова се води постапка во Кочани за сообраќајна несреќа со загинато лице. Нејзиниот татко Симеон Михаилов е правосилно осуден на 12 и пол години затвор во случајот „Детонатор“. Во бугарските медиуми тој ја оспорува правичноста на пресудата.

Бугарското МВР во соопштение од 14 октомври потврди дека добило барање од Интерпол-Скопје за меѓународно издирување, апсење и екстрадиција на Ива Михаилова. Министерството наведе дека тогаш немало издаден црвен билтен за неа и дека бугарските власти не презеле дејства за утврдување на нејзината местоположба.

Во истото соопштение, бугарската институција се повика на уставните одредби за предавање сопствени државјани и на Европската конвенција за екстрадиција, која предвидува право државата да одбие екстрадиција на свој државјанин. Во објавата не е соопштена конечна одлука за барањето за предавање на Михаилова.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?