СДСМ бара одговори од Пецаков за ѕидот на брегот на Охридското Езеро

Комисијата за култура на СДСМ бара градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, веднаш да објави кој го гради камениот ѕид на брегот на Охридското Езеро, кај Биљанини Извори и поранешната „Ајван-плажа“, како и дали за градежните работи се обезбедени сите потребни дозволи и согласности.

Од Комисијата реагираат дека градежните активности продолжуваат и покрај реакциите во јавноста, додека од Општина Охрид засега, според нив, нема конкретни одговори за законитоста на интервенцијата.

„Градоначалникот Кирил Пецаков денеска излезе со едно единствено објаснување – инспекторите биле на терен и извршиле увид. Но, граѓаните не бараат само увид. Бараат одговори“, наведуваат од Комисијата за култура на СДСМ.

Оттаму бараат да се соопшти кој е инвеститорот, што точно се гради, врз основа на која документација се изведуваат работите и дали постои одобрение за градба.

Особено инсистираат да се утврди дали се обезбедени сите потребни мислења и согласности од институциите надлежни за заштита на природното и културното наследство.

Од Комисијата предупредуваат дека станува збор за интервенција непосредно покрај Охридското Езеро, кое има исклучително природно и културно значење и е дел од светското наследство на УНЕСКО.

„Не може прво да се гради, а потоа институциите да утврдуваат дали смеело да се гради. Не може градежните машини да работат, а градоначалникот да ни кажува дека ќе чека записник“, се наведува во реакцијата.

СДСМ бара Општина Охрид веднаш да ја објави целокупната документација поврзана со градежниот зафат. Доколку се утврди дека работите се незаконски, партијата бара нивно запирање и отстранување на изграденото.

Од Комисијата оценуваат дека локалната власт има обврска навремено да реагира на сите интервенции на охридското крајбрежје, особено кога постои сомневање за нарушување на заштитениот простор.

„Охридското Езеро не е градежна парцела. Крајбрежјето не е простор за нечии приватни интереси“, порачуваат од Комисијата за култура на СДСМ.

Во соопштението се нагласува дека зачувувањето на природното и културното наследство на Охрид е обврска не само кон локалното население, туку и кон Македонија и меѓународната заедница.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?