Војната во Украина ќе биде во центарот на утрешната средба на министрите за надворешни работи на Г-20 во Њу Делхи, каде меѓу другите се очекува да присуствуваат и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговите колеги од САД и Кина Антони Блинкен и Чјин Ганг. Вечерва се одржува вечера за добредојде, а главните средби се очекуваат утре.
Министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Кина и САД нема да бидат на вечерата бидејќи нема да пристигнат навреме во Њу Делхи, а Лавров, на барање на руската амбасада, ќе седи со делегацијата на Обединетите Арапски Емирати и земјите од Источна Азија.
Москва најави дека ќе го искористи состанокот за да му објасни на светот кој е одговорен за политичката и економската криза во која се наоѓа светот..
Берлин веднаш одговори дека министерката за надворешни работи Аналена Бербок „нема да дозволи Русија да го преземе целото внимание и цврсто ќе се спротивстави на руската пропаганда“.
Собирот доаѓа неколку дена откако состанокот на министрите за финансии на Г-20 во Бенгалуру, исто така, беше во сенка на конфликтот во Украина. Тогаш делегациите не успеаја да се договорат за осуда на Русија за војната, па мораа да се задоволат со документ кој беше само резиме на состанокот.
– Оваа војна мора да биде осудена. Се надевам, сигурен сум, дека Индија ќе ги искористи своите дипломатски капацитети за да ја натера Русија да сфати дека оваа војна мора да заврши, рече шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Од европски извор се дознава дека делегацијата на ЕУ нема да ја поддржи завршната изјава доколку таа не содржи осуда на војната, пренесува Хина.
Руската амбасада во Њу Делхи доцна синоќа соопшти дека руската страна „планира да зборува решително и отворено за причините за сериозните проблеми во светската политика и економија и за поттикнувачите што доведоа до нив“.
„Деструктивната политика на САД и нивните сојузници веќе го доведе светот на работ на катастрофа, предизвика блокада на социјалниот и економскиот развој и сериозно ја влоши ситуацијата во најсиромашните земји“, се вели во соопштението.
Според најавите, американскиот државен секретар Блинкен нема да се сретне ниту со Лавров, ниту со Чјин.
Земјата домаќин Индија најави дека војната во Украина ќе биде важна тема на разговор, но дека „соодветно внимание“ ќе биде посветено и на проблемите поврзани со „храната, енергијата, безбедноста на вештачките ѓубрива и влијанието што конфликтот го има врз економските предизвици со кои се соочува светот“. с