Нови разговори меѓу Украина и Соединетите Американски Држави, насочени кон можен крај на војната, ќе се одржат утре и задутре во САД, соопшти денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој изјави дека украинската делегација веќе е на пат кон САД, каде што ќе ја пречекаат американските претставници, додавајќи дека не е исклучено на состаноците да присуствуваат и европски претставници. Зеленски не прецизираше кој ќе биде дел од украинскиот преговарачки тим.
Овие разговори ќе се одржат пред најавената средба меѓу руски и американски претставници, која, според официјален претставник на Белата куќа, е планирана за викендов на Флорида. Белата куќа засега не објави детали за составот на двете делегации.
Според информациите на порталот „Политико“, САД ќе ги претставуваат специјалниот пратеник за Украина Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, додека Москва ќе го испрати кремљскиот пратеник за економски прашања Кирил Дмитриев.
„Ставот на Русија е добро познат, таа сака да го заземе целиот Донбас и во моментов бара ние да се повлечеме од Донбас. Тоа е нивната позиција“, изјави Зеленски.
Индустрискиот регион Донбас ги опфаќа Луганската област, која е речиси целосно под контрола на Москва, и Доњецката област, од која украинската војска контролира околу 20 проценти.
„И нашиот став е јасен, не сме подготвени на такви чекори. САД бараат компромис“, додаде украинскиот претседател.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека целите на руската офанзива во Украина „без сомнение ќе бидат постигнати“.
Деталите од американскиот план, кој по ревизијата во Берлин беше разгледуван со украинската страна, не се јавно објавени, но Киев сигнализираше дека тој вклучува територијални отстапки. Украинските и европските претставници првичниот документ го оцениле како во голема мера поволен за Кремљ.