Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ги потпиша законите со кои во земјата се продолжуваат воената состојба и општата мобилизација до 3 февруари 2026 година.
Според официјалната интернет-страница на Врховната рада на Украина, претседателот ги потпишал актите што предвидуваат продолжување на важноста на мерките за уште 90 дена, почнувајќи од 5 ноември, објави агенцијата Униан.
Врховната рада уште на 21 октомври го поддржа претседателскиот предлог-закон за продолжување на воената состојба, а со истиот документ беше одобрено и продолжувањето на општата мобилизација до почетокот на февруари следната година.
За предлогот гласале 315 пратеници, а ова е веќе седумнаесетти пат од почетокот на руската инвазија во 2022 година кога украинскиот парламент го одобрува продолжувањето на воената состојба и мобилизацијата.
