Зеленски: Киев е подготвен да го прифати американскиот мировен план, отворен сум за разговор со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Киев е подготвен да го прифати мировниот план предложен од САД и дека лично е подготвен да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп за преостанатите чувствителни точки од договорот.

Обраќајќи се преку видеоврска на состанокот на „коалицијата на подготвените“, Зеленски нагласи дека Европа мора да биде целосно вклучена во процесот. Според него, преговорите за американскиот план не можат да се водат без активна улога на европските сојузници, пренесе Ројтерс.

Тој ги повика европските лидери да се усогласат околу рамката за распоредување мировни сили во Украина и да продолжат со поддршката сè додека Москва не покаже јасна волја да го запре војувањето. Зеленски подвлече дека Украина нема да биде „пречка за мир“, но дека мировниот договор мора да обезбедува достоинствен и траен исход за украинскиот народ.

На денешната видео-конференција учествуваат британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, Зеленски и други европски лидери. Стармер порача дека коалицијата треба да подготви план и финансирање за идните украински вооружени сили, кои ќе можат целосно да ја бранат земјата по завршувањето на конфликтот.

Макрон оцени дека конечно постои „вистинска шанса“ за значаен напредок кон траен мир во Украина.

Американски и украински претставници по разговорите во Женева подготвија ажурирана верзија на мировниот план, кој од 28 е скратен на 19 точки. Последната фаза од преговорите ќе ја водат лично Зеленски и Трамп.

Зачлени се на нашиот е-билтен