Најмалку 19 лица се повредени во земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, што синоќа го погоди западниот дел на Турција, соопшти министерот за здравство Кемал Мемишоглу.
Според него, четири лица се здобиле со повреди при скокови и падови во моментите на паника и по кратко лекување се пуштени дома, објави „Милијет“.
„Сите повредени се во стабилна состојба и нивното лекување продолжува во болниците. Им посакувам брзо закрепнување“, изјави Мемишоглу.
Засега нема информации за жртви, но во земјотресот се урнале три згради и една продавница.
Епицентарот бил во близина на градот Синдирги, а потресот бил почувствуван и во Истанбул, како и во делови од Грција. Очевидци сведочат дека траел подолго и бил многу силен.
По главниот удар следела серија послаби афтершокови.
