Светското првенство во фудбал 2026 година веќе предизвикува невиден интерес кај навивачите ширум светот, а претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, откри дека за само неколку недели пристигнале околу 500 милиони апликации за купување билети, иако на располагање ќе има приближно седум милиони влезници. Според него, станува збор за рекордна побарувачка каква што досега не е забележана во историјата на светските спортски настани.
Инфантино нагласува дека интересот за турнирот е огромен и дека стадионите во САД, Мексико и Канада ќе бидат исполнети. Во изјава за медиумите тој посочи дека во првите четири недели од продажбата се регистрирани повеќе од половина милијарда барања за билети, што далеку го надминува бројот на достапни места на стадионите.
Мундијалот во 2026 година ќе биде историски и поради новиот формат на натпреварување. За првпат ќе учествуваат 48 репрезентации, а турнирот ќе се игра во три земји – САД, Канада и Мексико. Вкупно ќе се одиграат 104 натпревари во повеќе градови, што го прави ова издание најголемо во историјата на Светските првенства.
Според податоците на ФИФА, побарувачката за билети пристигнува од повеќе од 200 земји. Најголем интерес има од навивачи од САД, Германија, Велика Британија, Бразил, Аргентина и Шпанија, што покажува колку глобален настан претставува Светското првенство.
Инфантино вели дека турнирот ќе биде „вистински празник на фудбалот“ и дека секој натпревар ќе има огромна посетеност. Според него, многу од натпреварите веќе имаат над милион барања за билети, што е уште еден показател за масовната заинтересираност на навивачите ширум светот.