Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вели дека постојат правила за снабдување со топлинска енергија и оти компаниите што се задолжени за тоа имаат обврска да ја испорачуваат.
Бислимоски ова го кажа во изјава за медиумите, а одговарајќи на прашање дали градоначалник на една општина може да носи одлука да нема испорака на топлинска енергија за клучни капацитети како што се училиштата.
„Ние имаме правила за снабдување и компаниите што се задолжени за тоа се обрзани да започнат со испорака на топлинска енергија. Онаму каде што има калориметри, не во згради туку во индивидуални куќи, тогаш тој може и самиот сопственик на куќата да каже дека ќе биде исклучен и ќе се вклучи кога ќе биде постудено. Така да во насока на ова го гледам тоа што го направиле во Општина Карпош. Тоа е одлука на самиот потрошувач“, вели Бислимоски.
Според него, факт е дека сите општини во Град Скопје во изминатиот период се соочиле со зголемени трошоци за топлинска енергија.
„Токму за оваа категорија потрошувачи во февруари ја намаливме цената за 35 отсто и сега во јули за дополнителни 20 проценти се со цел да ги растеретиме училиштата и градинките“, рече Бислимоски.
Основните училишта во Карпош од утре ќе немаат греење, Општината бара Владата да го плати долгот кон ЕСМ
Тој додава дека испораката на топлинска енергија е почната иако температурите во Скопје се поволни и релативно високи. Тој вели дека се во комуникација со „ЕСМ-Дистрибуција“ од каде екипите се на терен и таму каде што има поплаки и проблеми тие веднаш ќе бидат решени.
Одговорот на Бислимоски доаѓа откако основните училишта во Општина Карпош на почетокот на грејната сезона останаа со студени радијатори на барање на локалната власт поради, како што рече градоначалникот, штедење.
Грејната сезона во училиштата во Карпош ќе почне на 1 ноември.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски рече дека училиштата имаат долг кон „ЕСМ-Снабдување со топлина“ од околу 8 300 000 денари и побара Владата да го плати затоа што, како што рече, локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
На ваквото барање на Јакимовски вчера министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека блок-дотациите за училиштата се исплатени и оти градоначалниците и директорите на училиштата треба да се организираат за да ја спроведат не само грејната сезона, туку и сè друго што треба.
За ваквата изјава на Јаневска градоначалникот Јакимовски побара од министерката да му даде образложение како да ги менаџира средствата што се префрлаат како блок-дотации за да успее да го плати долгот што основните училишта го имаат кон „ЕСМ – снабдување со топлина“.