Кој е Ацо Ристов кој ќе ја крои судбата на цените со бензините

Ацо Ристов веќе не е само поранешен градоначалник на Радовиш, туку и официјален предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Комисијата денеска го поддржа со седум гласа „за“ и два „против“, а конечниот збор сега треба да го даде пленарната седница на Собранието, по оставката на Марко Бислимоски.

Според јавно достапните биографски податоци, Ристов е роден во 1966 година во Радовиш, дипломиран електроинженер и човек што повеќе од три децении работи во енергетиката и електроинженерството. Во политиката е најпрепознатлив како градоначалник на Радовиш во периодот 2021–2025, а во јавноста одамна е врзан и со ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови дојде и на локалната функција.

Но неговиот профил не е само политички. Ристов доаѓа и од приватниот енергетски бизнис. Компанијата „Алфа Инжинеринг“, основана во 2000 година во Радовиш, работи во индустриско и електроинженерство, водоснабдување, обновливи извори, градежни и автоматизациски системи. Тоа значи дека кандидатот за шеф на РКЕ не доаѓа од внатрешноста на регулаторот, туку од спојот меѓу инженерството, проектантството, локалната власт и бизнисот. Токму тука и почнува суштинското прашање околу неговата кандидатура: не дали има техничко познавање, туку дали ќе може да делува како независен регулатор, а не како човек од секторот што треба да го надгледува.

Тоа прашање е важно затоа што самата РКЕ, според официјалните правила и меѓународните извештаи, мора да биде функционално и финансиски независна од политичко и комерцијално влијание. Официјалните правила на Комисијата забрануваат нејзините членови, нивните сопружници или роднини од прв степен да имаат удели, да даваат услуги или да бидат дел од управувачки тела на компании што имаат или бараат лиценца. Во медиумските извештаи веќе се објави и дека во пресрет на кандидатурата била сменета сопственичката и управувачката структура на „Алфа Инжинеринг“, што покажува дека темата за можен судир на интереси ќе го следи Ристов и пред да седне во фотелјата.

Покрај ова, постои и уште еден податок што не му оди во прилог на стартот. Државната комисија за спречување на корупцијата објави дека Ристов, по престанокот на функцијата градоначалник на Радовиш, не поднел во законскиот рок изјава за имотна состојба и интереси, поради што на 10 март 2026 му е изречена глоба од 300 евра. Тоа не е афера што сама по себе ја урива кандидатурата, но за човек што конкурира да води едно од најчувствителните регулаторни тела во државата, не е ни безначајна фуснота.

Кандидатурата доби и процедурна сенка. Вториот кандидат, Шамил Реџепи, долгогодишен вработен во РКЕ, не влезе во потесниот круг затоа што не ги исполнил критериумите од огласот, а на самата комисија беше отворено прашањето дали огласот бил потесно поставен од она што го дозволува Законот за енергетика. Со тоа изборот на нов прв човек на РКЕ уште на стартот влезе во спор околу правилата, а не само околу квалитетот на кандидатите.

Затоа, кога ќе се собере сè, сликата за Ацо Ристов е двојна. Од една страна, тој несомнено има инженерска биографија, долг стаж во енергетиката и менаџерско искуство. Од друга, во РКЕ влегува со јасен партиски багаж, со свежо отворени дилеми за конфликт на интереси и со административна дамка од ДКСК. Ако биде избран, нема да биде мерен по тоа колку знае за хидросистеми, далноводи или пумпни станици, туку по тоа дали ќе успее да докаже дека РКЕ под него ќе остане регулатор на јавниот интерес, а не продолжена рака на политиката и секторот што треба да го регулира.

Зачлени се на нашиот е-билтен