Акција на сообраќајната полиција во Тиквешијата, 11 возачи возеле пијани

Во текот на 20/21.02.2026 година, во периодот од 21.00 до 03.00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи спроведе акциска контрола на подрачјето на СВР Велес, односно ОВР Кавадарци, со цел санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. 

При контролата изречени се вкупно 20 мерки за сторени сообраќајни прекршоци. Од нив, 11 возачи биле санкционирани и исклучени од сообраќај поради управување моторно возило под дејство на алкохол. Две лица се лишени од слобода за сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, а согласно член 300 од КЗ одземени се две моторни возила.

Дополнително, санкционирани се девет возачи за останати сообраќајни прекршоци. За сите сторители изготвени се соодветни поднесоци. 

Исто така во период 20/21.02.2026, на целата територија на државата полициски службеници лишиле од слобода 11 лица, од кои девет поради управување возило без возачка дозвола, а две лица поради управување возило под дејство на алкохол. 

Возачи од Тетово, Кавадарци, Скопје, Дојран, Гевгелија и Струга биле затекнати како управуваат возила без да поседуваат возачка дозвола, при што возачот од Гевгелија исто така го управувал возило и по истек на важноста на регистрацијата. Двајца возачи од Кочани управувале возило под дејство на алкохол, при што им биле измерени 1,83 и 2,91 промили алкохол во крвта. 

Лицата се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. 

Зачлени се на нашиот е-билтен