Во периодот јануари – октомври Албанија пречекала над 11,1 милион странски туристи, што претставува седум отсто повеќе во однос на истиот период минатата година.
Бројката ја објави министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја, во објава на социјалните мрежи.

„Албанија пречека 11.137.328 странски посетители од јануари до октомври 2025 година или седум отсто повеќе отколку во истиот период минатата година“, напиша Гонџја, нагласувајќи дека само во октомври годинава биле регистрирани 908.642 туристи.
Според него „тоа е темпо што ја покажува трансформацијата на целогодишниот туризам, оставајќи го зад себе сезонскиот модел и потврдувајќи ја Албанија како одржлива и привлечна дестинација во секоја сезона“.
Владата на Албанија е фокусирана на развој на туристичкиот сектор и, според премиерот Еди Рама, во 2030 година Албанија ќе биде „балкански шампион во туризмот со над 20 милиони туристи”.

