Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Албанија, Србија и Црна Гора доживуваат туристички бум

Фото: Thanas Todhe (Guri Q…, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Ширењето на летните туристички дестинации, но и дестинациите за пролет и есен, е еден од приоритетите што може да помогне во намалување на притисокот врз веќе познатите туристички дестинации. Ова е еден од заклучоците на анализата изработена за Европската комисија, „Европски туризам: трендови и перспективи“.

Според анализата меѓу новините што се забележуваат во туристичкиот сектор во Европа е што земји што порано важеа за помалку атрактивни туристички дестинации, како што се Албанија и Црна Гора, последниве години примамуваат сѐ повеќе туристи.

– Помалите дестинации како Албанија и Црна Гора забележаа пораст на пазарниот удел, со раст од 86 и 31 отсто раст во 2024 година, во споредба со 2019 година. Тие обично се поевтини и помалку зафатени за време на шпицот на сезоната, за разлика од земји како Италија и Франција. Туристите почнуваат да се распрснуваат низ повеќе дестинации, што е добра вест за земји и градови што се соочуваат со високи нивоа на прекумерен туризам, како што се Венеција, Амстердам и Мајорка – се нагласува во анализата.

Србија, Малта и Бугарија со најголем прилив на гости

Податоците покажуваат дека во трите главни индикатори за патувања (пристигнувања, ноќевања и трошење) поголемиот дел од европските дестинации сега пријавуваат зголемување на потрошувачката во однос на нивото во 2019 година.

Земји со најголем прилив на гости, според европските статистичари, се Србија, со раст од 40 проценти, Малта, со 37 отсто зголемување на туристите, па следува Бугарија, со 29 проценти раст. По нив се Португалија, која бележи зголемување на туристите за 26 отсто, и Турција со 22 проценти раст.

Наспроти нив, трите балтички земји, Литванија, Естонија и Летонија, се земјите што бележат најголем негативен тренд кога се во прашање туристичките посети. Имено, кај Литванија е забележан пад од 15 проценти, кај Естонија 16 отсто намалување, додека Летонија има дури 24 проценти помалку туристи.

Кога се во прашање странските ноќевања, треба да се напомене дека Данска има зголемување од 38 проценти, па следуваат Норвешка со раст на ноќевањата од 18 отсто и Шведска каде што растот е девет проценти. Иако овие земји не пријавуваат податоци за пристигнувањето, порастот во нивната популарност е очигледна.

– Во 2024 година, оперативните трошоци за туристичките бизниси и, со тоа, трошоците за патување на потрошувачите остануваат еден од најистакнатите теми за глобалната индустрија. Инфлациските притисоци беа особено лепливи во угостителска индустрија. Степенот до кој ова се смета за значителен ризик за туризмот е малку намален во споредба со минатиот квартал, но и понатаму висок. Ова е особено случај во Европа, каде што побарувачката за патувања останува силна, а инфлацијата се забавува постабилно – посочуваат европските аналитичари во извештајот изработен за Европската комисија за патувања.

Притоа се нагласува дека годинава европскиот туризам е под влијание на неколку клучни фактори. Привлечноста на локацијата и вредноста на парите во нетрадиционалните дестинации, потоа враќањето на патниците од Азија – Пацификот и зголемената достапност на железничките патувања.

Албанија, Србија и Црна Гора доживуваат туристички бум

Се нагласува дека пазарниот удел на меѓународните пристигнувања прекуноќ, во поконкурентни по цена и помалку посетени балкански земји, како што се Албанија, Србија и Црна Гора, се очекува да се зголеми експоненцијално оваа година во споредба со 2019 година.

Имено, Албанија има раст од високи 86 проценти на бројот на туристите, Србија 48 отсто, додека Црна Гора 31 процент повеќе гости. Аналитичарите посочуваат дека нивоата на раст во овие дестинации вообичаено произлегуваат од ниското основно ниво на пристигнувања, но додаваат дека овие земји сѐ повеќе се перципираат како атрактивни дестинации.

Патувања со авион

Откако достигнаа нето-профитабилност во 2023 година, европските авиокомпании забележаа пораст на приходите на патнички километри над претпандемските нивоа во април 2024 година. Бројот на летови, сепак, останува малку под 2019 година. Ова укажува на тренд кон тоа капацитетот на седење по поединечен авион сѐ повеќе да се полни со патници.

Секторот за сместување, пак, бележи подобрувања во однос на минатата година. Стапката на искористеност низ Европа се зголеми за 1,8 отсто за периодот јануари – мај 2024 година, додека приходите по достапна соба се зголемија за 5,4 проценти за истиот период.

Безбедноста – еден од најважните критериуми за избор на дестинација

Аналитичарите укажуваат оти пристигнувањата во Мајорка се зголемени за 10 проценти во однос на истиот период во 2019 година, додека во Амстердам за шест отсто се повисоки. И додаваат дека во исто време, уделот на меѓународните пристигнувања прекуноќ се намали во клучни дестинации како што се Обединетото Кралство, Италија и Франција, кои важат за големи туристички дестинации, кои обично привлекуваат масовен туризам.

– Војната во Украина, исто така, предизвика туристите да се оддалечат од некои источноевропски дестинации во корист на локации што се сметаат за побезбедни. Безбедноста на локацијата е идентификувана како еден од најважните критериуми за избор на дестинација за одмор во Европа во најновиот „Барометар за патувања“ (ETC Long-Haul Travel Barometer). Поради овој фактор, дестинациите како Летонија и Финска губат од Србија и Турција. Ограничувањата воведени поради војната, пак, резултираа со концентрација на руски пристигнувања во Србија, на штета на други европски земји, како Грција – истакнуваат аналитичарите.

Наедно се додава дека и климатските промени и екстремните временски настани од летото 2023 година, како шумските пожари, претставуваат ризик. Поради ова туристите се упатуваат кон помали дестинации на Медитеранот. Според аналитичарите, очекувано е да има дисперзија на патување низ сезоните, поради што препорачуваат намалување на зависноста на земјите од Медитеранот од туристи за време на месеците со највисока температура, во кои има голема опасност да се случат временски и климатски непогоди.

– Нема цврсти докази дека настаните од минатата година влијаат на патувањето во Грција оваа година. Туристичката активност во Европа во голема мера следеше сличен тренд во текот на првите два квартала од 2024 година. Меѓународните патувањата се зголемуваат низ континентот во споредба со минатата година, при што странските пристигнувања се зголемени за 12 проценти и ноќевањата се зголемени повеќе од 10 отсто врз основа на податоците од пријавените европски дестинации. Споредено со нивоата пред пандемијата, зголемувањата се 6 и 7 отсто. Јужноевропските дестинации го поттикнаа растот на европскиот туризам и остануваат постојано популарни поради нивните поволни климатски услови за летната сезона – додаваат аналитичарите.

Зачлени се на нашиот е-билтен