Секретаријатот за етика во Парламентот на Албанија донесе одлука за исклучување на 18 пратеници на ДП од пленарни седници на 10 дена и заменикот Ервин Салијањи на 20 дена, поради блокирање на работата на Собранието, известија албанските медиуми.
Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Балканот Џејмс О’Брајан повика на одговорност од Србија за инцидентот во Бањска, пренесуваат косовските медиуми.
Ова се дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
АЛБАНИЈА
Репортери: 19 пратеници на ДП се исклучени од Собранието на Албанија
Секретаријатот за етика во Парламентот на Албанија донесе одлука за исклучување на 18 пратеници на ДП од пленарни седници на 10 дена и заменикот Ервин Салијањи на 20 дена.
Социјалистичката партија претходно побара исклучување на 19 пратеници на ДП кои ја блокираа работата на Собранието на Албанија и на Специјалната комисија за изборни реформи.
Во писмото упатено до Секретаријатот за етика, се наведува дека пратениците од опозицијата го блокирале зборот, со бучни уреди направиле хаос во салата, кршејќи го и попречувајќи го уредниот развој на седницата, пренесува Репортери.
НОА: Уставниот суд ја одобри одлуката за договорот на Албанија со Италија за имигрантите
Уставниот суд ја одобри одлуката во врска со договорот за имигрантите направен меѓу Италија и Албанија. Според судот, овој договор е во согласност со Уставот.
Одлуката за договорот со Италија за сместување илегални имигранти беше донесена на третата седница одржана по ова прашање со тесна разлика од 5 гласа „за“, од вкупно 9 членови на Уставниот суд.
Во соопштението дистрибуирано до медиумите, Судот тврди дека договорот не поставува територијални граници, ниту го менува територијалниот интегритет на Република Албанија, пренесува НОА.
КОСОВО
Бота Сот: О’Брајан бара Србија да бара одговорност од напаѓачите во Бањска
Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Балканот Џејмс О’Брајан повика на одговорност од Србија за инцидентот во Бањска.
Тој рече дека треба да има законска одговорност за лицата инволвирани во вооружениот напад во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку.
О’Брајан, исто така, ја нагласува силната американска поддршка за дијалогот меѓу Косово и Србија, олеснет од Европската унија, и ги цени посетите што шефот на дипломатијата на ЕУ, Мирослав Лајчак, ги остварува во регионот, во посета на главните градови Приштина и Белград, пренесе Бота Сот.
ВОА: Израел најави укинување на визите за граѓаните на Косово
Амбасадорката на Израел во Косово, Тамара Зив, во понеделникот објави дека израелската влада одлучила да го одобри договорот за укинување на визите за косовските граѓани.
Амбасадорката Зив во соопштение преку социјалните мрежи рече дека двете надлежни министерства ќе продолжат со процедурите за потпишување и граѓаните ќе бидат известени веднаш штом стапи во сила одлуката.
Се надевам дека овој посебен историски момент во нашите билатерални односи дополнително ќе ја промовира растечката соработка меѓу нашите земји и ќе ги зближи нашите граѓани“, напиша амбасадорката Зив, пренесе ВОА.
КОЛУМНА
Газета Експрес: Динарот не е дел од дијалогот
„Точно е дека започнувањето со имплементација на регулативата од почетокот на февруари може да предизвика проблеми за косовските Срби. Досега се плаќаа во динари.
Парите се носеа од Србија во Косово преку граничниот премин Јариње, како најблизок премин до Лепосавиќ, каде што се наоѓа трезорската канцеларија на Банката на Србија. Овој примитивен начин на внесување пари во Косово мора да заврши, но мора да се најдат алтернативи како понатаму.“, пишува авторот Имер Мушколај во колумната „Динарот не е дел од дијалогот“, објавена во Газета Експрес.
Подготви: Д. Тахири (ЦивилМедиа)