Англија го освои третото место на Светското првенство во 2026 година откако во спектакуларен натпревар во Мајами ја совлада Франција со 6:4. Натпреварот за бронзениот медал, кој често останува во сенка на големото финале, се претвори во еден од највозбудливите дуели на првенството, со четири англиски голови во првото полувреме, француско враќање по паузата и драматична завршница во судиското продолжение.
Англија го отвори резултатот уште во третата минута. Деклан Рајс искористи лошо додавање на Дезире Дуе, напредуваше кон голот и со прецизен удар го совлада Мајк Мењан. Во 19. минута Рајс изведе корнер, а Езри Конса со удар со глава ја зголеми предноста на 2:0. Француската одбрана продолжи да остава голем простор, што Англија го казни во завршницата од првото полувреме.
Букаио Сака го постигна својот прв гол во 37. минута, откако Маркус Рашфорд излезе сам пред францускиот голман, а по одбраната на Мењан ја врати топката до својот соиграч. Во првата минута од судиското продолжение, Сака уште еднаш ја проби француската одбрана и погоди за убедливи 4:0 на полувремето.
Францускиот селектор Дидие Дешамп направи четири промени на паузата, по што Франција влезе во целосно поинакво темпо. Килијан Мбапе намали на 4:1 во 48. минута, а само шест минути подоцна резервистот Бредли Баркола погоди за 4:2. Во 67. минута Мбапе повторно беше прецизен и ја доближи Франција на само еден гол негатива.
Франција имаше можности и за израмнување, но Англија го издржа притисокот. Во 86. минута Сака реализираше пенал за 5:3 и го комплетираше хет-трикот. Тој стана вториот англиски фудбалер што постигнал три гола во натпревар од елиминациската фаза на Светско првенство, по Џеф Херст во финалето во 1966 година.
Драмата продолжи и во судиското продолжение. Усман Дембеле во 96. минута повторно ја врати Франција во игра со гол за 5:4, но две минути подоцна Џуд Белингем со индивидуална акција го постави конечниот резултат 6:4. Белингем го заврши турнирот со седум голови, најмногу што еден англиски репрезентативец постигнал на едно Светско првенство.
Мбапе, и покрај поразот, испиша нова страница во историјата на Светските првенства. Со двата гола против Англија стигна до вкупно 22 погодоци на мундијалите и го надмина Лионел Меси, кој пред финалето меѓу Аргентина и Шпанија има 21 гол. Францускиот капитен го заврши турнирот со 10 погодоци и моментално е водечки во трката за Златната копачка.
Натпреварот со 10 голови е најефикасниот меч на Светско првенство по победата на Унгарија над Ел Салвадор со 10:1 во 1982 година, а воедно е и натпревар со најмногу постигнати голови во историјата на дуелите за третото место. За Англија ова е втор најдобар пласман на светските првенства, по освоената титула во 1966 година.
Поразот го означи крајот на 14-годишниот мандат на Дидие Дешамп на клупата на Франција. Англија, предводена од Томас Тухел, го заврши турнирот со бронзен медал, откако во полуфиналето загуби од Аргентина со 2:1, додека Франција беше елиминирана од Шпанија.
