Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Анкета: Мнозинството Финци се против да се чека Шведска за влез во НАТО

Мнозинството Финци се за влез на нивната земја во НАТО без да се чека Шведска, која во моментов е блокирана од Турција, покажува денеска објавената анкета, пренесува МИА.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неделата за првпат стави до знаење дека турскиот парламент може да го ратификува пристапниот договор на Финска, но не и на Шведска, иако тие заедно го започнаа процесот на пристапување.

Анкетата на институтот Талоустуткимус објавена во финскиот дневен весник „Ilta-Sanomat“ покажува дека 53 отсто од испитаниците сметаат дека Финска не треба да „ја чека Шведска“ доколку процесот на ратификација на нејзиното членство трае подолго поради, на пример, противењето на Турција.

Само 28 отсто сметаат дека земјата треба да ја чека Шведска за да влезат во воениот сојуз заедно, покажува анкетата спроведена помеѓу 30 јануари и 1 февруари, а во која учествувале1.021 државјанин на Финска.

Двете земји поднесоа заедничка кандидатура за членство во НАТО во мај 2022 година како одговор на руската инвазија на Украина.

Кандидатурата на Шведска и Финска, која треба да ја одобрат сите земји-членки на Алијансата, моментално е блокирана од Турција, која има забелешки дека Шведска не екстрадирала на Анкара десетици осомничени за врски со курдските „терористички“ групи и неуспешниот обид за државен удар во 2016 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново