Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, пратеникот Борислав Крмов и носителот на советничката листа во Делчево, Тони Стаменковски, во рамки на активностите за локалните избори денеска одржаа неформална средба со граѓаните, каде ја истакнаа улогата на партијата во борбата против непотизмот и лошите политики на локално и национално ниво.
„Убеден сум дека сега Делчево на овие локални избори ќе пренесе една јасна порака – доста е од лоши политики, фамилијарни вработувања и непотизам. Очекуваме добар резултат и за првпат ќе имаме советничка група. Ние не купуваме гласови, туку доверба од граѓаните. Овие избори ќе бидат историски за Левица и очекуваме многу добри резултати“, изјави Крмов на средбата.
Тој нагласи дека Левица е единствената партија која отворено се спротивставува на системот кој, како што рече, „осиромашува народот за сметка на мало малцинство приврзано на власта“. Крмов додаде дека и покрај забраната за рекламирање на партијата, членовите на Левица секојдневно се на терен и го чувствуваат пулсот на граѓаните.
„Дури и режимот кој ја забрани рекламата на Левица чувствува дека партијата е негов најголем непријател. Преку овие локални избори ќе покажеме каде дува политичкиот ветар – кон Левица, која ќе се позиционира како втора политичка сила способна да се спротивстави на системот“, нагласи Крмов.
На средбата се разговараше и за подобрување на состојбата на маргинализираните групи, зголемување на нивните права како пациенти, како и за други клучни прашања од интерес на локалната заедница.
Носителот на листата и актуелен советник од Левица, Тони Стаменковски потврди дека на овие избори очекува Левица да освои три советнички мандати.
„Оние кои мислат со своја глава ни приоѓаат заради искрената политика и заради целокупната состојба во Македонија. Мислам дека народот полека се свестува и ќе даде доверба на Левица“, рече тој, додавајќи дека партијата е фокусирана на конкретни мерки за локалниот развој и подобрување на условите за граѓаните.