Скопската градоначалничка Данела Арсовска во денешна објава на Фејсбук јавно го повика колегата од Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, да разјасни дали учествувал во „експертски тим“ кој, според неа, „положил испит“ во постапка за незаконски дивоградби поврзани со поранешниот скопски градоначалник Висар Вики Ганиу.
„Орце Самка Ѓорѓиевски да одговори на јавноста и на ОЈО, дали е дел од експертскиот тим… Види ова, одговори на јавноста, не на мене. Јавноста е заинтересирана за овие дивоградби во Драчево, за кои има кривична пријава до ОЈО“, напиша Арсовска.
Обвинувањето се однесува на спорен градежен комплекс во скопското населено место Драчево, за кој веќе е доставена кривична пријава до Јавното обвинителство. Арсовска бара одговор дали Ѓорѓиевски имал формална улога во процесот што, според неа, дозволил продолжување на нелегалната градба.
Од општината Кисела Вода и од Ѓорѓиевски засега нема официјална реакција на прозивката.