В четврток цела Албанија ќе биде пред Собранието, порача поранешниот албански премиер и актуелен лидер на побројното крило на опозициските демократи, Сали Бериша, по средбата со пратениците, негови приврзаници, како и оние од крилото на Газменд Барди.
Тој ги повика граѓаните масовно да учествуваат на протестот в четврток пред Собранието, кога на дневен ред на пленарната седница е точката за одземање на неговиот пратенички имунитет.
-Опозицијата ќе ги брани вредностите и принципите од неуставен, брутален напад на Еди Рама. Нашироко се разговараше за ставовите што ќе се преземат кон овој режим и ви гарантирам дека тоа ќе биде само соочување, соочување. Нема шанси Еди Рама да го консолидира овој антидемократски, диктаторски режим, заснован на криминал, дрога и кражби на Албанци, изјави тој.
Пред законодавниот дом, Бериша организираше протест и вчера додека Советот за мандати расправаше за одземање на неговиот имунитет и донесе едногласна одлука за тоа, вклучително и пратеникот од опозицијата Енкелед Алибеај.
Одземање на имунитетот побара Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, за да може да ја смени досегашната мерка „редовно јавување во судот“, што не ја почитуваше и забрана за напуштање на земјата, најверојатно во домашен притвор, бидејќи според законските одредби поради возраста може да му биде изречена само мерка домашен притвор.
Бериша (79) е осомничен за „пасивна корупција“ и „зоупотреба на службената положба“ како тогашен премиер во случајот со приватизацијата на спортскиот комплекс „Партизан“ во Тирана со чија приватизација, според обвинителите, зетот на Бериша за ќерка, незаконски стекнал 5 милиони евра. На местото на поранешните спортски терени и објекти тој изградил неколку повеќекатници.
Имајќи предвид дека владејачкото мнозинство има доволен број, изгласување на одлуката во парламентот ќе помине само формално.