Бислимоски: не дозволувам да ми го валкаат името

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски, изјави дека нема да дозволи „да биде извалкано неговото име“, откако Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против него, за злоупотреба на службената положба и овластување.

На прес-конференција одржана денеска (29 јануари), Бислимоски тврдеше дека постапките за одземање лиценца се строго пропишани со Законот за енергетика и со Правилникот за лиценцирање, и дека РКЕ ги води идентично за сите компании и во сите енергетски сегменти – не само кај нафтените деривати, туку и кај електричната енергија и другите дејности што се под регулаторна надлежност.

Тој нагласи дека во Комисијата не постоел „повластен статус“ за ниту една компанија и дека одлуките и роковите биле утврдувани од тим во РКЕ, според истите процедури. Во таа насока, го отфрли впечатокот дека предметот е воден селективно или надвор од законската рамка, додавајќи дека истиот пристап важел и во други паралелни постапки во истиот период.

Во однос на пријавата, Бислимоски рече дека ќе го следи процесот и ќе ги стави на располагање сите информации и документи на надлежните институции, со уверување дека ќе се потврди оти не постоело прекршување на Законот за енергетика или на правилникот. „Сум татко, сопруг, брат и пријател“, рече тој, порачувајќи дека лично ќе се бори да ја докаже својата позиција и да не дозволи етикетирање без судска разрешница.

На прашање дали гледа политичка позадина во случајот, Бислимоски одговори дека тоа треба да се праша кај подносителите и дека времето ќе покаже дали имало политички притисоци. Воедно, потсети дека РКЕ во изминатиот период, според неговите зборови, била оценувана високо во рамки на Енергетската заедница, токму поради доследната примена на процедури.

Тој се осврна и на критиките за наводно „одолжување“ на постапките, посочувајќи дека и кај други компании се воделе идентични процеси со исти рокови, при што во дел од случаите лиценците биле одземени, а во други не – доколку во текот на постапката се утврдило дека не се исполнети условите за одземање. За прашањата дали биле давани дополнителни рокови за отстранување недостатоци, Бислимоски рече дека не е правник, но дека постапувал по насоките на правните служби во РКЕ и дека немало различен пристап за различни компании.

Зачлени се на нашиот е-билтен