Во пораката по повод Светскиот ден на животната средина, заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи истакнува дека е време загриженоста што ги предизвикуваат заканите по животната средина со пластичен отпад да се претворат во акција, а подигањето на свеста за заштитата на животната средина да го претвориме во мотивирачка промена на нашите навики.
„Да ги oбликуваме нашата држава, нашиот главен град, секоја заедница во која живееме според ликот на модерните европски метрополи и градови. За почеток, секој од нас да биде дел од остварувањето на стратегијата и од успехот на проектот „И отпадот има вредност!“, порачува вицепремиерот Битиќи.
Во објавата на социјалните мрежи Битиќи ги повикува и останатите општини да се угледаат на Општина Центар, Општина Струмица, како и другите поголеми општини, кои ја прифатија оваа стратегија и што развија цел систем за прибирање на пластичните шишиња и лименки со кои се поттикнува локалната економија и се дополнува семејниот буџет. Тоа е начин како економијата може да биде решение за отпадот, посочува вицепремиерот за економски прашања.
„Сега секој од нас може да го даде својот придонес во намалувањето на количината на отпадот кој завршува во депониите. На тој начин, преку процесот на рециклирање, а со поддршка од граѓаните, ќе се зачуваат природните ресурси од загадување.Тоа е дел од нашата генерална стратегија на Зелената агенда и тоа е начин на остварување на суштината на локалната акција за решавање на глобалните проблеми што нѐ засегаат сите нас“, посочува заменик претседателот во Владата Фатмир Битиќи.
Битиќи потсетува дека Северна Македонија ги прифати моделите на зелена економија за повторна употреба и рециклирање за намалување на отпадот на минимум.
„Како земја со извонреден потенцијал за производство на здрава храна да ги спроведеме сите неопходни мерки за чист воздух, за заштита на водата од загадување, која е предуслов за одржливи системи за земјоделство и здрава храна и заштита на биодиверзитетот и еколошките системи“, апелира вицепремиерот Битиќи.
„Заради сите овие причини да дејствуваме сега, за да заштедиме за утре! Нека биде зелено денес за чисто утре! Наша е планетатата, наши се градовите и заедниците во кои живееме, наша е и одговорноста за нивната иднина и за иднината на следните генерации. Имаме само една планета“, се пораките на заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, по повод Светскиот ден на животната средина.