„Гордост и чест се силните признанија и поддршка за Северна Македонија што денеска ни пристигнаа од Вашингтон, директно од државниот секретар на Соединетите Американски Држави Ентони Блинкен, на средбата и со нашиот премиер Димитар Ковачевски“, напиша вечерва на социјалните мрежи заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.
– Традиционално добрите односи меѓу Северна Македонија и САД од минатата година се унапредени во стратешки дијалог што е највисокиот формат на соработка на оваа земја во билатереланите односи со суверените демократски држави. Со САД сме партнери во споделувањето на највисоките заеднички демократски вредности и во почитувањето на човековите права, истакнува Битиќи во својата порака.
Битиќи посочува дека државниот секретар Блинкен исклучително отворено и директно ја изразил длабоката почит на Вашингтон за начинот на кој Северна Македонија претседава со ОБСЕ во исклучително драматичен и безбедносно предизвикувачки период, што ја прави нашата земја доверлив и сигурен партнер со кој се менаџираат прашања од највисок интерес за меѓународната безбедност.
– Ова длабоко взаемно почитување и негување на билатералните односи е силна мотивација и за економската соработка за која државниот секретар Блинкен јасно потенцираше дека Северна Македонија ја има силната поддршка за стратешките инфраструктурни проекти кои ќе ја стават земјата на високо рамниште во процесот на интеграцијата во членство во ЕУ, потенцира вицепремиерот Битиќи.
Заменик претседателот во Владата уште пишува дека „сите ние треба да ги прифатиме како признание и заложбите на САД за унапредување на енергетска безбедност за Северна Македонија. Многу е важно што можеме и понатаму да сметаме на поддршката на Америка во изградбата на идните големи инфраструктурни проекти во делот на енергетиката“.
– Партнерството со САД е мотор и мотиватор на нашата интеграција преку која македонската иднина ја правиме подобра, напиша на социјалните мрежи заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.