Блаже Миневски ја повлекува кандидатурата за претседател на ДПМ и апелира да се избере привремена управа за надминување на кризата

Блаже Миневски, еден од четворицата кандидати за претседател на Друштвото на писателите на Македонија во писмо до јавноста објави дека ја повлекува својата кандидатура за оваа функција „поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ што се појавија во јавноста“ и вели дека нема присуствува на закажаното продолжување на вонредното Изборно собрание на Друштвото.

Миневски уште дополнува и како „многу сериозни“ ги оценува информациите објавени во телевизискиот разговор со поранешната претседателка, Соња Стојменска-Елзесер, за постоење на два статута – еден „важечки“ и еден „неважечки“, еден „јавен“ и друг „таен“ но валиден, депониран во Централниот регистар.

„Функцијата претседател на ДПМ според Статутот доставен до Централен регистер има мандат од 2 години, додека не постои воопшто функција претседател на Собранието. Според Статутот објавен на Веб страната, мандатот на претседателот на ДПМ е 4 години, како и мандатот на претседател на Собранието“, цитира Миневски дел од изјавата на Стојменска-Елзесер. 

Врз основа на ова, прашува Миневски, според кој Статут се бирала и се бира управа на ДПМ? Дали мандатот на претседателот е две или четири години? Дали вршењето на функцијата претседател на Собранието е легитимно и дали некој воопшто имал мандат со повикување на таа функција да презема активности и да настапува во име на ДПМ според невалидни акти?     

Миневски вели дека ”во изминатите два месеца, од 25 ноември минатата година до денес, не е направено ништо за Вонредното изборно собрание да бидат известени оние шеесет и пет мина од 285-те члена на ДПМ, кои немаат електронски адреси и не добиваат ниту покана ниту материјали за учество во работата на Собранието“.

„Актуелното (не)легитимно раководство не предложи решение ниту за 29-те члена на ДПМ што живеат во странство, кои, ако веќе не можат да гласаат електронски, барем да не влегуваат во списокот за кворум, односно да се евидентираат и да гласаат само доколку физички се присутни на седницата“, потенцира Миневски и дополнува дека тоа раководство „не покажа коректен однос дури ни кон членовите со најдолг стаж во ДПМ, меѓу кои и класици на современата македонска книжевност, со тоа што не ги консултира дали се во можност физички да присуствуваат на седниците на Собранието или пак да се изнајде начин како да бидат вклучени во работата на највисокото тело на македонската писателска асоцијација“. 

Миневски нагласува дека писателската асоцијација на Македонија за првпат во своите седумдесет и седум години се наоѓа на чекор од самоукинување и дека ДПМ мора да фати приклучок со новото време, излегувајќи од бездната во кое е фрлено свесно или несвесно во изминатиот период. 

„Можеби единствен начин за излез од катастрофалната состојба е евентуалната можност да се активира Советот на ДПМ (поранешните претседатели) и/или членството да избере привремена управа за надминување на кризата, со цел да се разгледаат сите опции, да се надминат правните проблеми со статусот и Статутот на Друштвото, да се анализираат и утврдат точните списоци на членството и потоа да се организира легитимно Изборно собрание. На крајот, сепак се надевам дека како членство ќе ја понесеме одговорноста и ќе изнајдеме начин македонската писателска асоцијација да излезе од состојбата во која се наоѓа“, посочува Блаже Миневски во своето обраќање до јавноста.

Треба да знаете
Moже да ве интересира