По кој Статут работи ДПМ?

Откако писателот Иван Антоновски соопшти дека ја повлекува кандидатурата за претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), зашто „ по јавно достапните информации дека според важечката регулатива, позицијата претседател на Собранието на ДПМ, правно, воопшто и не постои“ , јавноста е збунета, по кој Статут работи Друштвото и што тоа значи во прeсрет на изборното Собрание, закажано за 27 јануари, на кое ќе бидат избрани претседател и Управен одбор, како и другите тела на друштвото, откако актуелниот претседател Христо Петрески поднесе оставка. 

Живко Грозданоски, член на ДПМ, до јавноста испрати соопштение во кое тој направил „
споредба помеѓу неважечкиот статут од 2009 година, и оној што е единствено валиден, од 2011 година, кој се наоѓа и во Централниот регистар. Главните поенти од важечкиот статут на ДПМ се следните, објаснува Грозданоски:

1. Позицијата „Претседател на Собранието на ДПМ“ не постои (не е легитимна): Претседателот на ДПМ заседава и со Собранието на ДПМ. Моментално на оваа (непостоечка) позиција се наоѓа поетесата Кристина Николовска.

2. Мандатот на Претседателот и мандатите на другите органи и на тела на ДПМ изнесува две години, а не четири, како што предвидува неважечкиот Статут од 2009 год, по кој работеше досега ДПМ.

3. Управниот одбор на ДПМ се состои од 6 членови (+ Претседателот = 7), а не како „Претседателството“ од неважечкиот статут од 2009 год. кој налага 9 членови (+ Претседател на ДПМ + Претседател на Собранието на ДПМ = 11).

Во сегашниот миг од постоењето на Друштвото, обзнанувањето на единствениот важечки статут на ДПМ е релевантно поради две нешта:

1. Изборното Собрание закажано за оваа сабота (27.1.2024) е нелегитимно, со оглед на тоа што е распишано според неважечки статут.

2. Со оглед на тоа што двегодишниот мандат на претседателот во оставка Христо Петрески истекува во мај оваа година, најдоцна дотогаш во Друштвото на писателите на Македонија треба да се распише изборно собрание, на кое ќе бидат избрани Претседател и Управен одбор, како и другите тела на Друштвото“.

Фото: Б. Грданоски

Од друга страна, актуелниот претседател на ДПМ во оставка, Христо Петрески, исто така, испрати свое соопштение до јавноста, во кое се вели:

„Деновиве, од медиумите дознав дека во Централниот регистар имало депонирано Статут на ДПМ поразличен од оној кој е ставен и на сајтот на ДПМ (www.dpm-pisateli.mk), а  по кој ДПМ  работи од 2009 година и е актуелен Статут.

Јавно изјавувам дека немам никаква врска со тој друг Статут, кој никогаш не ми бил доставен, ниту  сум го видел. Веројатно, станува збор за некоја работна, недовршена и нелегитимна  верзија.

Статутот по кој работи ДПМ  е од 2009 година, тој е ставен и на сајтот на ДПМ. Сите членови од раководството на ДПМ се легитимно избрани на 28 мај 2022 година, за што постои уредна документација доставена и верификувана од стана на Централниот регистар“, вели во соопштението Петрески. 

Во трка за Претседател на Друштвото на писателите на Македонија беа четири кандидати: Живко Гроздановски, Гоце Ристовски, Мирче Нешовски и Блаже Миновски, меѓутоа Гоце Ристовски прв ја повлече кандидатурата на 13 ноември, а набрзо потоа и Живко Гроздановски. Откако деновиве и Миневски се повлече, во трката за Претседател на Друштвото на писатели на Македонија остана само Мирче Нешовски.

За претседател на Собранието на ДПМ , во пресрет на продолжението на Изборното собрание, закажано за 27 јануари, се повлекоа и двајцата кандидати: Стефан Марковски и Иван Антоновски. 

Л.С. (Независен)

Треба да знаете
Moже да ве интересира