Грција дава 20 центи по литар, субвенции за гориво за греење

Грција ги продолжи субвенциите за горивата до 15 ноември, со што домаќинствата ќе добијат олеснување до 40 евроценти за литар гориво за греење. Но, и покрај новата државна интервенција вредна 35 милиони евра за само две недели, грчките медиуми и опозицијата предупредуваат дека краткорочните мерки не го решаваат проблемот со високите цени на енергенсите и сè поголемиот притисок врз семејните буџети.

Според одлуката на грчката Влада, од 1 до 15 ноември државната субвенција изнесува 20 центи за литар гориво за греење, 15 центи за дизел и 10 центи за безоловен бензин. Дополнително, нафтените компании обезбедуваат попуст од 20 центи за греење и пет центи за дизел.

Субвенции како аспирин против високите цени

Грчкиот портал „in.gr“ во своја анализа ги оцени претходните мерки за горивата како недоволни во однос на поскапувањата што ги погодија потрошувачите и компаниите.

Според анализата објавена на 2 октомври, дел од најавените олеснувања всушност претставувале продолжување на веќе постојните попусти, а не целосно нова финансиска помош.

Медиумот посочува дека во тој период, и покрај субвенциите, горивата биле значително поскапи во однос на почетните цени пред енергетскиот шок, при што дизелот поскапел за околу 44 проценти, а бензинот за околу 25 проценти.

Оттука, критиката е дека државата покрива само мал дел од поскапувањата, додека најголемиот товар останува кај потрошувачите.

Сличен став има и економскиот портал „Оикономикос Тахидромос“, кој уште во август предупреди дека повторуваните субвенции претставуваат привремено гаснење на проблемот, без трајно решение за растот на цените.

Помош за 15 дена, а зимата трае со месеци

Критики доаѓаат и од грчката опозиција. Претставничката на ПАСОК за економија, Милена Апостолаки, на 15 октомври предупреди дека владините мерки се краткорочни и не одговараат на реалните потреби на населението.

Таа иронично праша дали Владата ќе излегува на секои 15 дена со ново продолжување на субвенциите, наместо да понуди подолгорочна предвидливост за граѓаните.

Од левичарската партија Нова левица, пак, оценија дека субвенциите траат само неколку недели, додека високите трошоци за греење ќе ги оптоваруваат домаќинствата цела зима.

Партијата побара и поинаков пристап кон енергетската криза, вклучително привремено намалување на акцизите и дополнително оданочување на вонредните профити на рафинериите.

Милијарди за помош, но без гаранција дека цените ќе се стабилизираат

Грчката Влада соопшти дека вкупните мерки за поддршка на домаќинствата и компаниите достигнале 1,44 милијарди евра. Од нив, 897 милиони евра се однесуваат на вонредни интервенции поради поскапувањето на енергенсите, а 541 милион евра на трајни мерки за поддршка на доходите.

Дополнително, надоместокот за греење за зимската сезона 2026–2027 е зголемен за 30 проценти, што според Владата треба да обезбеди дополнителна заштита за ранливите домаќинства.

Сепак, грчкиот економски портал „Newmoney“ предупредува дека високите меѓународни цени на енергенсите и неизвесноста околу зимските временски услови оставаат простор за нови финансиски оптоварувања на граѓаните.

Владата ги брани интервенциите како неопходна мерка за ограничување на трошоците, но критичарите сметаат дека државата постојано плаќа за ублажување на последиците, без да обезбеди долгорочно решение.

Токму затоа, и покрај новите 35 милиони евра што ќе бидат потрошени во првата половина на ноември, останува отворено прашањето дали субвенциите навистина ќе им помогнат на граѓаните да ја пребродат зимата или само привремено ќе го намалат ударот од скапите горива.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?