„Вработените во царина како во ниедна друга институција имаат обврска да поднесат анкетен лист, како што директор, министер, пратеник е должен да поднесе анкетен лист пријава и одјава пред да влезе во позиција и откако ќе излезе од позиција. Во царина имаат таква обврска. Проблемот е во тоа што тоа досега детално не се прочешлувало. Сега планираме и тоа да го провериме. И тука планирам зајакнување на два сектори – секторот за професионална одговорност во делот на внатрешна контрола којшто контролира и санкционира корупција во редовите на цариниците и второ, зајакнување односно ставање во функција на опремата, човечкиот потенцијал во секторот за посебни истражни мерки, следење на телефонски комуникации и физичко следење, со цел сузбивање криминал и корупција можен шверц“, истакна директорот на Царинска управа Стефан Богоев на ТВ24.
Тој додаде дека три месеци како директор на царина посветен е на подобрување на условите за вработените, зголемување на платите на вработените, регрес К15, денови за одмор, добро регулирани права во колективниот договор којшто сега се потпишува и нови униформи после 20 години – тоа е еден сегмент, поддршка и создавање финансиски и други услови за вработените во царина да можат да работат. Вториот сегмент е казна и санкции – заедно со експерти од министерство за финансии на САД се работи на проверка на имотната состојба на вработените во царина.
„Верувам дека со подобрувањето на условите во плати, униформи и просторни услови на вработените, и со санкциите и зајакнувањето на на овие два сектори човечкиот фактор и корумпираноста драстично ќе се намали“, заклучи Богоев во емисијата на ТВ24.
Директорот на Царинската управа за „Отворен Балкан“ рече иницијативата донесе забрзани и поедноставени процедури.
„Отворен Балкан значи забрзани процедури и поедноставени процедури за нашите компании. Тоа значи дека нашите компнии ќе имаат заштеда, ќе станат поконкуретни на светските и меѓународни пазари. А кога ќе имаат поголем профит, ќе плаќаат повеќе даноци на државата и вработуваат повеќе луѓе од Македонија“, истакна директорот на царинската управа Стефан Богоев во интервју на ТВ24.
Тој појасни дека системот во делот на Отворен Балкан, она што се однесува на Царина и товарни моторни возила функционира и дека на Табановце и Ќафасан, има приоритетна линија за возила кои се дел од Отворен Балкан, возила кои се дел од Зелените коридори и возила коишто се на овластени економски оператори. Тоа е линијата Србија-Македонија-Албанија, односно иницијативата Отворен Балкан.
„Нашата најистурена работа е во делот на товарните возила, камионите и комбињата коишто одат на терминалите. Таму процедурите се завршуваат многу брзо. На Табановце имаме имаме дневно по 300 камиони сработени со декларации од страна на царинските службеници. Сето тоа е мотор за економијата и приход за државата, но и олеснување за компаниите“, рече Богоев.
Тој заклучи дека со приоритетните линии на Табановце и Ќафасан ако сте дел од Отворен Балкан, не се чека, се вклучувате директно на некој од терминалите или ако транзитирате продолжувате кон другата дестинација.