Дел од медиумите не ја исполнија својата основна улога на проверувачи на факти, ставајќи се свесно во улога на пропагандни канали за ширење наративи со дезинформации и теории на заговор кои потпалуваат етно – националистички страсти и поттикнуваат дискриминација и говор на омраза, истакна раководител на истражување во Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) и еден од авторите на публокацијата „Уставните измени во медиумите: дезинформации, медиумски манипулации, говор на омраза (анализи)“, Жарко Трајаноски, на денешната панел – дискусија на која беше претставена публикацијата.
Публикацијата е дел од активностите на Институтот за медиуми и аналитика ИМА поддржани од Европскиот фонд за демократија и се придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на слободата на медиумите, справување со дезинформациите и говорот на омраза, развој на критичкото мислење и дебата и потрага по решенија за справување со овие важни предизвици.
Автори на анализите кои се дел од публикацијата се Жарко Трајаноски, раководител на истражување во ИМА, Зоран Бојаровски, главен уредник на „Рацин“ и Сефер Тахири, доктор на науки и универзитетски професор од областа на Комуникациските науки и медиумите.
Главните дезинформациски наративи се прикажани во делод на анализите на Трајаноски, кој потенцира дека анализирајќи бројни медиумски примери кои содржат дезинформации, теории на заговор и медиумски манипулации, детектирал неколку главни наративи, меѓу кои е и наративот за геноцит и етноцит врз македонскиот народ.
Како што истакна, покрај него присутни се и наративите за бугаризација, дезинформациските наративи во врска со македонскиот јазик, историските дезинформации и манипулации во контекст на уставните измени, како и етнонаионалистичките наративи, митови и теории на заговор за „Голема Бугарија“ и „Голема Албанија“ во контекст на уставните измени.
Бојаровски во неговиот дел од анализите го истакнува говорот на омраза.
– Се уште е многу ниска политичкта култура во нашата држава, а тоа го предизвикуваат дезинформациите и говорот на омраза, истакна Бојаровски и додаде дека говорот на омраза е храната за политичката (не)култура.
Она што е загрижувачки, како што вели тој, е дека говорот на омраза продолжува да расте и покрај сите укажувања и апели да се внимава упатени од медиумските организации.
Бојаровски истакна дека говорот на овраза најчесто го спонзорираат високи функционери и јавни личности, и нагласи дека тој е најмалку присутен кај традиционалните медиуми.
Сефер Тахири во својот дел од анализата истакнува дека медиумите на албански јазик на оваа тема имаат претежно афирмативно известување за потребата од Уставни промени и укажува дека оваа тема често пати била врзана и со тоа што често го говорат албанските политичари, дека ова е шанса со Уставните измени да се избрише онаа формулација за албанскиот јазик како јазик кој го говорат 20 проценти од населението и да се стави албански јазик.
Тоа што е малку поразлично од македонските медиуми, вели тој, е тоа што има случаи на сензационалистичко известување и употреба на верски вокабулар.
Петрит Сарачини, истражувач и претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, на крајот од панел – дискусијата ги истакна препораките до медиумите, односно етничките насоки кои треба да ги применуваат во врска со темата, а тоа се отстранување на коментари кои содржат говор на омраза, дискриминација, повици на насилство, повици за други кривични дела, закани и други облици на загрозување на правата и безбедноста на поединци, групи, институции без оглед дали се директно или индиректно поврзани со објавениот текст или темата што се обработува.