Додека безбедносните тензии во регионот ја враќаат темата за цивилна заштита на дневен ред, Бугарија почна систематска проверка на засолништата од бомби – колку ги има, во каква состојба се и колку брзо можат да се стават во функција. Во фокусот се капацитетите и техничката исправност на објектите, со цел државата да има реална слика дали засолништата се употребливи или се само „точка на мапа“.
Во бугарскиот систем, како употребливи се водат 247 засолништа. Од нив, само 18 се оценети како технички подготвени за итна употреба, додека 229 се во состојба што би можела да се доведе во функција во рок од една недела – бројки што, иако на прв поглед звучат охрабрувачки, всушност откриваат дека најголемиот дел од „заштитата“ е условна и зависи од брзината на интервенција, сервисирање и организација. Во истиот контекст се отвора и идејата метрото во Софија да се третира како најголем потенцијален капацитет за засолниште, со десетици километри тунели што би можеле да примат голем број луѓе во вонредна состојба.
Во Македонија, сликата е поинаква – не поради тоа што засолништа не постојат, туку затоа што државата долго време нема јасна, видлива и јавна политика што ќе одговори на три практични прашања: каде се скривниците, кој ги одржува и дали се функционални. Во земјата се спомнуваат повеќе од сто вакви објекти, но со години се повторува истата реалност: дел се запуштени, дел се празни и нефункционални, а дел завршуваат како импровизирани засолништа за бездомници или како мета на кражби – од метални врати до делови од опрема.
Управувањето со скривниците е институционално префрлено во системот на цивилна заштита уште во 2005 година, но обновата на објектите останува бавна и зависна од буџетски средства, со изолирани зафати во поголеми градови и без впечаток на национален план што би ги покрил и помалите средини. Во вакви околности, проблемот не е само технички, туку и организациски: ако граѓаните не знаат каде се најблиските скривници, ако објектите немаат јасна сигнализација и ако нема редовни инспекции и извештаи, „скривницата“ останува мит, не мерка.
Оваа разлика меѓу Софија и Скопје не е приказна за страв, туку за управување. Бугарија, со сите слабости што ги покажуваат бројките, барем ја отвора проверката и прави пресек. Македонија, пак, ризикува да ја дочека следната криза со истото прашање од претходните години: дали воопшто знаеме што имаме и дали функционира. Во момент кога јавноста најмногу ја интересираат горивата, храната и безбедноста, цивилните скривници се најтихата, но најконкретната метрика за тоа колку државата е подготвена за „лош ден“.