Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Членките на ЕУ ја поддржаа Стратегијата на ЕИБ за справување со современите предизвици 

 Министрите за финансии на земјите членки на ЕУ ја поддржаа Стратегијата на Европската инвестициска банка за поддршка на приоритетите на Унијата и за успешно справување со глобалните предизвици на денешницата. 

Стратегијата првенствено е насочена кон цели и активности во рамките на ЕУ, но во еден дел фокус е ставен и на ангажмани надвор од гранците на Унијата, преку поддршката на Украина, успешно спроведување на процесот на проширување, како и имплементација на европската програма „Глобалната порта“. 

– Силната поддршка на нашата Стратегија од страна на министрите ќе ни помогне да ги надградиме силните страни на Групацијата ЕИБ и да го искористиме овој моќен инструмент со својот целосен потенцијал за поддршка на стратешките приоритети на ЕУ и успешно справување со современите глобални предизвици, изјави по тој повод претседателката на ЕИБ, Надја Калвињо. 

Стратегијата се фокусира на осум основни политички приоритети и искористување на целосниот потенцијал на Банката за зајакнување на растот и на социјалната и територијалната кохезија и поддршка на лидерството на Европа во зелената и дигиталната транзиција, како и за зголемување на конкурентноста на ЕУ, отворената стратешка автономија и економската безбедност. 

Суштината на пристапот во Стратегијата, според Калвињо, е стеснување на јазот во сферата на иновациите, новите технологии и физичката и социјалната инфраструктура во и надвор од Европската Унија, во полза на регионите, бизнисите и граѓаните на Европа. 

Новите иницијативи имаат за цел да ги фокусираат инвестициите во ЕУ кон ублажување и адаптација на климатските промени и енергетската транзиција, дигитализацијата и новите технологии, а исто така вклучуваат и планови за поголеми инвестиции во безбедноста и одбраната, за зголемена поддршка за малите и средни претпријатија, за зајакнување на територијалната кохезија и социјалната инфраструктура во области како што се образованието, здравството и домувањето, како и инвестирање во земјоделството и биотехнологијата.  

Според ЕИБ, стеснувањето на инвестицискиот јаз и постигнувањето резултати во зелената и дигиталната транзиција, бара од ЕУ целосна мобилизација на јавните ресурси, намалување на бирократијата, скратување на времето за пристап до пазарот и намалување на оптовареноста на приватниот сектор.  

Калвињо најави дека ЕИБ ќе работи и на планови за засилување на финансирањето на европските безбедност и одбрана, со посебен акцент на новите технологии и критичната инфраструктура, како што се граничната контрола, кибер безбедноста, беспилотните летала и вселенската и технологијата за двојна намена. 

Бидете информирани. Знаењето е моќ. Колку повеќе знаеме, толку повеќе може да им се помогне на околината, општеството, па и на светот.

Белгискиот министер за финансии и претседател на Бордот на ЕИБ, Винсент Ван Петегем, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, оцени дека Европа денес се соочува со „огромни предизвици“ и дека и е потребно „огромно финансирање“ за да се справи со нив.  

– Како најголема мултилатерална банка во светот, ЕИБ може да им помогне на владите да ги мобилизираат средствата потребни за финансирање на предизвиците со кои се соочуваме, како што се одбраната, климата и конкурентноста. ЕИБ ја има вистинската експертиза и вистинските алатки за да го вклучи приватниот сектор. Со ставање печат за квалитет врз одредени инвестициски проекти, ЕИБ дава силен кредибилитет на поризичните проекти, дозволувајќи им вклучување на приватните инвеститори, додаде Ван Петегем. 

По добиената поддршка од страна на министрите за финансии, ЕИБ најави дека ќе работи на анализа и усогласување на предлозите за програмата за енергетска ефикасност и за зголемување на зелените и економски ефикасните технологии на малите и средни претпријатија, како и на нова Програма за водите, која ќе им помогне на градовите, регионите, индустријата и земјоделскиот сектор полесно справување со сушите и поплавите. Дополнително, Банката ќе подготви и нова предлог-програма за забрзување на дигитализацијата и технолошките иновации во рамките на Европската Унија. 

По преземањето на должноста претседателка на ЕИБ на 1 јануари 2024 година, Калвињо, најави повеќе амбициозни планови на Банката, кои меѓу другото вклучуваат и зголемување на ефикасноста во нејзиното работењето преку рационализација и дигитализација на процесите, со што би се скратило и потребното време за одобрување и стартување на проектите. 

Зачлени се на нашиот е-билтен