Crew-12 мисија полета кон Меѓународната вселенска станица на денес во 5:15 часот по источноамериканско време (11:15 по македонско), кога ракетата Falcon 9 од лансирниот комплекс SLC-40 во Кејп Канаверал, Флорида, ја однесе капсулата Dragon со четворица астронаути на осуммесечна научна експедиција во орбита.
Во екипажот се NASA астронаутите Џесика Меир и Џек Хетавеј, астронаутката на Европската вселенска агенција Софи Адено и рускиот космонаут Андреј Федјаев. По влегувањето во орбита, летот треба да продолжи со автономно приближување и приклучување на станицата, планирано за сабота, 14 февруари, околу 15:15 часот по источноамериканско време (приближно 21:15 по македонско), на надворешниот порт на модулот Harmony.
Од NASA наведоа дека со пристигнувањето на Crew-12, станицата повторно ќе се врати на вообичаениот капацитет од седум члена, по заминувањето на претходната екипа на 14 јануари. Новите астронаути ќе им се придружат на членовите на Експедиција 74 кои веќе се на станицата, меѓу кои се американскиот астронаут Крис Вилијамс и руските космонаути Сергеј Куд-Сверчков и Сергеј Микаев.
Мисијата е дел од програмата Commercial Crew, преку која NASA соработува со приватни компании за редовен транспорт на астронаути до МВС и назад, а фокусот на престојот е истражување што треба да помогне и за идни мисии надвор од ниска орбита. Според најавите, Crew-12 ќе работи на експерименти поврзани со бактерии што предизвикуваат пневмонија, технологии за генерирање интравенски течности „по потреба“ во вселенски услови, како и истражувања за тоа како физичките карактеристики и микрогравитацијата влијаат врз протокот на крв. Во програмата се вклучени и тестови за автоматизирано следење на здравјето на растенијата и проучување на интеракции меѓу растенија и микроорганизми што фиксираат азот, со цел подобро производство на храна за долготрајни мисии.