Целосен прекин на патот Кочани-Штип е воведен од 19:10 часот денес, на експресниот пат во близина на селото Тркање, поради случена сообраќајна незгода, соопштија надлежните служби за состојбата на државните патишта.
Истовремено, сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а на повисоките места има и остатоци од кашест снег по интервенции на дежурните екипи. Намалена видливост поради магла има на планинскиот премин Плетвар, каде што видливоста се намалува и до 50 метри.
Како дополнителна информација за возачите, пријавени се и слаби врнежи од снег на правецот Крива Паланка – Деве Баир со задржување на коловозот, како и забрана за сообраќај на патниот правец P1105 Удово–Валандово поради излевање на Калковска Река на коловозот, со пренасочување на сообраќајот кон правецот Р1401 село Марвинци–Валандово.