Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЦИВИЛ ги повикува сите, без оглед на тоа дали се од бугарска или македонска страна, да кажат СТОП за омразата! Како што им доликува на соседи, демократски и европски држави

Мора да се покаже широчина и лидерство, дури и под дожд од провокации што доаѓаат од „другата страна“. На жешки прашања, кои може да предизвикаат тензии, одговорни политичари не додаваат оган, туку разговараат. Опасно е за сензитивни прашања да се ловат политички поени и да се гради рејтинг

Во пресрет на чествувањето на 4 Февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, што ќе се одбележи во црквата Св. Спас во Скопје, имајќи ги предвид тензиите и говорот на омразата во јавната комуникација во двете земји, ЦИВИЛ упатува повик за разумно, мирно и достоинствено надминување на разликите.

По сите отровни стрели упатени едни кон други, сите општествено политички фактори треба да сфатат дека проблемите не се надминуваат со зголемување на тензиите и говорот на омразата, туку само се продлабочуваат. Тоа не е добро за граѓанките и граѓаните на двете земји.

Затоа, ЦИВИЛ ги повикува сите, без оглед на припадноста и убедувањето, било да се од бугарска или македонска страна, на утрешното чествување да кажат СТОП за омразата, предрасудите, насилството, национализмот! Како што им доликува на соседи, европски и демократски држави.

ЦИВИЛ повикува на разум, смиреност и дијалог со ладни глави, политичарите и сите општествени и политички чинители и во Бугарија и во Северна Македонија – да се фокусираат кон европската иднина, а не да се враќаат во минатото. Мора, и во безизлезни ситуации, да се најдат сили за разговор. А ситуацијата е далеку од безизлезна.

ЦИВИЛ најостро ги осудува говорот на омразата, делата од омраза и насилството кои произлегуваат од неспособноста или неподготвеноста да се води дијалог. Без оглед на „страната“ од која доаѓаат, деструктивните појави во општеството и на политичката сцена, без оглед на тоа дали се работи за политички, етнички или верски мотивирани инциденти – тие не може и не смее да се оправдаат и премолчат. Насилството и говорот на омразата никогаш, под никакви услови, не се соодветен одговор за ништо!

Ова, особено затоа што Бугарија е членка на ЕУ и со своето долгогодишно блокирање на македонската држава, негаторскиот однос кон македонскиот јазик и идентитет, и говорот на омразата од одделни високи политички претставници, го нарушува угледот и на сопствената земја, и на Унијата. Но одговорот на ваквото однесување, мора секогаш да биде смирен, аргументиран и конструктивен.

Популизмот и национализмот водат кон деструкција, а разговорот и дијалогот кон решенија.

Воинствената реторика е одраз на слабост и не им оди во прилог, ниту на бугарското, ниту на македонското општество. Особено ако „аргумент“ е минатото, а не иднината на двете земји.

Мора да се покаже широчина и лидерство, дури и под дожд од провокации што доаѓаат од „другата страна“. На жешки прашања, кои може да предизвикаат тензии, одговорни политичари не додаваат оган, туку разговараат. Опасно е за сензитивни прашања да се ловат политички поени и да се гради рејтинг.

ЦИВИЛ најостро го осудува секој акт на насилство, а особено актите кои произлегуваат од омраза кон неистомислениците или кон припадниците на различни заедници. Говорот на омраза и делата од омраза се меѓусебно поврзани, и претставуваат закана за човековите права и слободи, но и за развојот, безбедноста и стабилноста на едно демократско општество.

Имајќи предвид дека во двете земји се засилува говорот на омраза, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат политичари, интелектуалци, новинари и други личности со поголемо општествено влијание.

Тоа мора да престане! ЦИВИЛ повикува: ДАЈТЕ Ѝ ШАНСА НА ИДНИНАТА!

ЦИВИЛ

Зачлени се на нашиот е-билтен