Д-р Трајановски: Нови игралишта и безбедни улици – ова е мојот Аеродром

Трајановски

Д-р Александар Трајановски им испрати многу јасна порака на жителите на Аеродром: оваа општина треба повторно да стане место за живеење, а не терен што се трпи. Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром вели дека визијата му е многу конкретна и земјена – безбедни улици, пристапни тротоари, функционален јавен простор и нови игралишта, вклучително и игралишта прилагодени за деца со попреченост. Според него, Аеродром мора да изгледа и да се чувствува како уреден дом, и за младите семејства и за пензионерите.

Трајановски објаснува дека јавниот простор во Аеродром мора да се уреди според реалните потреби на жителите, а не како маркетинг слика за кампања. Тоа, како што кажа, значи тротоари што може да се користат и со детска количка и со инвалидско колче, без високи рабници и без непрекинато паркирани коли. Тука ја вклучи и мерката за адаптација на рабниците и поставување тактилни патеки, што е важно за луѓето со оштетен вид. „Пристапноста не е луксуз, тоа е човеково право“, порача тој, додавајќи дека во план е изградба на сензорни игралишта за деца со попреченост, а истовремено и модерни, безбедни детски игралишта за секое маало.

Безбедноста тој ја нарече темел. Најави дека општината под негово водство ќе воведе редовни контроли на противпожарните системи во сите станбени згради и дека ќе се гради нова противпожарна станица на територијата на Аеродром. Ова, според него, не е „акција за сликање“, туку прашање на основна сигурност. Тој најави и решавање на проблемот со кучињата скитници преку системска координација со надлежните служби, а не со импровизации од ден за ден. Целта, како што рече, е средина што е и безбедна и хумана – за децата кои играат на тревник, но и за самите животни.

Сообраќајот и секојдневната мобилност му се следната голема точка. Планот е во сите сервисни улици да се воведе „зона 30“ за смирување на брзината, да се постават нови семафори кај училиштата за заштита на децата, да се изградат нови велосипедски патеки и да се тргне од логиката дека тротоарот е паркинг. Тој зборува и за паметни паркиралишта, подобро улично осветлување и поефикасен јавен превоз, со идеја граѓаните помалку да се нервираат во хаос и повеќе да штедат време. Според него, ова не се празни ветувања, туку директни интервенции во тоа како изгледа денот на жител на Аеродром – да може без страв да го прошета детето до училиште, да паркира без кавга и да стигне на работа без половина час барање излез од квартот.

Кампањата на Трајановски оди на две линии. Првата е урбана: улици, паркирање, безбедност, јавен простор. Втората е доверба и отчетност. Тој вели дека сака Аеродром да стане „функционална, транспарентна и услужна општина“, каде што жителите добиваат услуга без протекции, без чекање и без „кај мене ли си запишан“. Планот кој веќе го објави вклучува целосна дигитализација на општинските услуги, јавен увид во тоа како се трошат парите и редовни отворени денови со градоначалникот и Советот, за граѓаните директно да ги кажат проблемите и да слушнат одговор лице в лице. Тој вели дека општината мора да има нулта толеранција кон корупцијата и ароганцијата и дека мора да престане практиката на третман „свој и туѓ“.

Целата порака е насочена кон вториот круг на локалните избори, закажан за 2 ноември 2025 година, кога Аеродром ќе избира градоначалник. Трајановски повикува жителите „заедно да се избориме за подобра општина, за општина која се грижи за секого“ и го продава Аеродром како место што може да биде „наш дом“, наместо општина во која секојдневно мораш да се снаоѓаш. Ова директно се врзува со линијата на СДСМ дека токму Аеродром треба да покаже дали партијата знае да понуди градска администрација која е транспарентна, сервисна и физички присутна на терен.

Зачлени се на нашиот е-билтен