Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека згрешил кога рекол дека на видеото објавено од косовските власти на кое се гледа Милан Радоичиќ се гледа и снег, и дека не сакал никому да наштети или да оправда некого, објави N1.
Тој рече дека во морето на лажни информации треба да се стави точка.
„Некој ми кажа дека е постара снимка, не проверив. Моја грешка. Не сакав да го аболицирам Радоичиќ. Прво објавија слики од Нагорно Карабах, па ги спомнаа оние од Образ“, објасни Дачиќ.
Според него, најважно е сите да бидат свесни дека настаните во Бањска се едни од најтешките ситуации од 2004 година, дека Србите се изложени на теророт на косовскиот премиер Албин Курти, но и дека дел од меѓународната заедницата сака да ја префрли одговорноста само на Белград.
Шефот на српската дипломатија нагласи дека Курти нема да го спроведе Бриселскиот договор и дека тој е единствениот виновен за ова што се случува. Тој додаде дека се поставува прашањето за акумулацијата на српската војска на административната линија, а никој не прашува за косовските сили на северот на Косово.
Дачиќ повтори дека бројот на припадниците на српските вооружени сили на границата со Косово се намалува.