Дали е волк, дали е куче, дали градоначалникот знае што прави?

18 часа драма и забава за јавноста, фатен ли е волк или не во едно од најурбаните јадра во Скопје, и зошто на институциите особено на ЗОО им требаа 18+ часа да потврдат дали е волк?

Градските служби и дел од медиумите без двоумење ја пласираа приказната дека во Козле бил фатен волк што некој незаконски го чувал како миленик. Но следниот ден, Агенцијата за храна и ветеринарство излезе со сосема поинаква информација: не станува збор за волк, туку за чипирано куче со сопственик.

Токму тука почнува проблемот што оди многу подалеку од едно животно. Случајот отвори прашање како институции, јавни функционери и дел од медиумите успеаја непотврдена претпоставка да ја претворат во „факт“, а потоа и во политичко саморекламирање.

Хронологијата покажува дека првичниот термин „волк“ не дошол од стручна проценка, туку од пријави на граѓани и полициски опис од терен. Наместо внимателна комуникација и проверка од надлежни ветеринарни служби, приказната експресно беше преземена од кредибилни новински агенции кои истата ја дистрибуираа до медиумите.

Во соопштенијата веќе се зборуваше за „волк“ или „мелез волк-куче“, а наративот дополнително се засили со видеа, фотографии и драматични наслови.

Во целиот тој процес, најмалку внимание имаше токму за најважното прашање: кој стручно потврди дека животното е волк?

Наместо одговор, јавноста доби политички триумфализам. Градоначалникот случајот го претстави како успех на градските служби и како доказ за ефикасна реакција во заштита на граѓаните. Во тој момент веќе не стануваше збор само за непроверена информација, туку за институционално „бетонирање“ на приказната.

Колку повеќе институции и функционери го повторуваа зборот „волк“, толку повеќе јавноста почна да го прифаќа како неспорен факт.

А потоа дојде демантот.

АХВ соопшти дека животното е куче со микрочип и сопственик кој го бара назад. Дополнително, беше посочено дека Агенцијата воопшто не била повикана кога животното било заловено. Со тоа практично падна целата конструкција врз која претходно се градеа драматичните објави, медиумските наслови и политичките пофалби.

Но корекцијата веќе немаше ист ефект како сензацијата. Додека „волкот во Козле“ доминираше на портали и социјални мрежи, демантот стигна потивко и со значително помало внимание. Токму тоа е суштината на проблемот: јавноста најпрво доби спакувана паника, а дури потоа стручна проверка.

Случајот отвори и друго прашање – дали некој свесно си игра мајтап со јавниот интерес. Кога градоначалник, институции и јавни служби почнуваат да се самофалат врз основа на непотврдени информации, тогаш веќе не станува збор за грешка во комуникација, туку за опасна пракса во која впечатокот станува поважен од фактите.

Во целата епизода најпоразително е што никој не застана да каже едноставна реченица: „Се чека стручна потврда“. Наместо тоа, јавноста доби спектакл. Полиција, сензација, политички ПР и „уловен волк“ кој на крај испадна нечие куче.

На крај пред малку стаса и информација од ЗОО Скопје дека, станува збор за волк, и дека постоело забуна со куче кое веќе два месеци било барано од сортата Чехословачки волчјак. Што уште еднаш укажува на потребата дека прво се проверува, па се постира, а ако веќе се постира не се тврди се вели вака: „Добивме информација… следиме… ќе потврдиме…“

Дополнително во името на професионалните стандарди, ЗОО Скопје треба да знае како се информира јавноста, а не со постови на Инстраграм, ниту граѓаните ниту новинарите се должни да ги следат. Но со цел да останеме целосно посветени на професионалните стандарди го објавуваме и нивното писание на социјалната мрежа Инстаграм.

Најчитано

[wpp wpp_start='
    ' range='last24hours" limit=5 stats_views=0 ]