Погрешни банкини на скопската обиколница кај Мирковци влегоа во фокусот по трагедијата во која загинаа четири лица, откако јавноста почна да бара одговор дали заштитната ограда можела да го спречи камионот да премине во спротивната насока и да удри во автомобилот што потоа изгоре.
Прашањето го отвори архитектот Бошко Видоески, кој анализирајќи фотографија од пробиените банкини на местото на несреќата, посочува дека разделниот појас бил обезбеден со „N2“ тип на банкини. Според неговото толкување, таквиот тип е предвиден за задржување лесни возила, а не тешки товарни камиони.
Видоески се повикува на европскиот стандард EN 1317 и тврди дека левите страни на автопатите со висока фреквенција на сообраќај и товарни возила треба да бидат обезбедени најмалку со „H2“ тип на банкина, која е наменета да задржи тешки возила од преминување во спротивна насока. Тоа сега го отвора најважното прашање: дали трагедијата била само резултат на возачка грешка или и на инфраструктурен пропуст.
Официјално, Обвинителството отвори истражна постапка против 76-годишниот косовски државјанин кој управувал со товарното возило „МАН“ со полуприколка. Според обвинителството, тој не ја приспособил брзината кон условите на патот, густината на сообраќајот и другите околности, по што ја пробил металната ограда, преминал во спротивната насока и се судрил со автомобилот „БМВ“.
Но реакцијата на Видоески бара поширока истрага. Не само кој го управувал камионот, туку и кој ја проектирал оградата, кој ја одобрил, кој вршел ревизија, кој надгледувал и дали некој навреме предупредил дека на тој дел од обиколницата заштитата не е доволна за тешки товарни возила.
Токму тука трагедијата кај Мирковци излегува надвор од класичната полициска слика за сообраќајна несреќа. Ако камион со голема маса можел да ја прегази разделната ограда и да влезе во спротивниот коловоз речиси без да биде запрен, тогаш јавноста има право да бара одговор дали патот бил проектиран и обезбеден за реалниот сообраќај што секојдневно минува таму.
Возачот на камионот е приведен, а Обвинителството побара притвор поради опасност од бегство и можност да го повтори делото. Но паралелно со индивидуалната одговорност, останува и прашањето за системската одговорност: дали инфраструктурата на обиколницата била доволна за да спречи една грешка да се претвори во трагедија со четири жртви
