Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Декларација за борба против дезинформации потпишаа новинските агенции, членки на АБНА-ЈИЕ, меѓу кои и МИА

Декларација за борба против ширење и дистрибуција на дезинформации потпишаа денеска во Солун претставници на новинските агенции кои се дел од Асоцијацијата на балкански новински агенции – Југоисточна Европа (АБНА-ЈИЕ), чија членка е и МИА.

Членките на АБНА-ЈИЕ, почитувајќи го Статусот, особено членот 5 (Цели на Асоцијацијата), членот 6 (Опсегот на активности и средства за достигнување на целите) и членот 11 (Обврски на членовите), но исто така и основите права и легални принципи на слободата на изразувањето и информациите, слободата на масовните медиуми и плурализмот, како и почитувањето на новинарските и етичките стандарди одлучија да ја зајакнат соработката за обезбедување и понуда на конзистентно и објективно информирање и борба против лажните вести, во која форма и да се емитуваат (текст, слики, видео), се наведува во декларацијата.

Предвидено е воспоставување контакт точки во секоја Агенција за навремено и валидно верифицирање на дезинформациите со цел да се спречи нивното ширење, како и заеднички активности во борбата против лажните вести.

Декларацијата беше потпишана во рамки на Конференцијата посветена на улогата на вестите во новата реалност на Балканот, организирана од АБНА-ЈИЕ. На конференцијата учествуваше и МИА, како членка на АБНА-ЈИЕ, претставувана од главниот и одговорниот уредник Ана Цветковска и дописничката на МИА од Атина, Сања Ристовска.

Забрзаниот дигитален развој, неговото влијание врз медиумската сфера, напливот на информации на социјалните медиуми, улогата на традиционалните медиуми, но и потребата од медиумска писменост за справување со напливот на информации и нивно објективно препознавање беа теми за кои се разговараше на Конференцијата во Солун. Учесниците ја потенцираа улогата на новинските агенции, како столб во борбата против лажните вести, како прва брана, која треба да го намали и во крајна мера спречи напливот на дезиформации кои стигнуваат до граѓаните.

Потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, кој беше еден од говорниците на оваа Конференција, истакна дека ЕУ вложува огромни напори за приближување на регионот до неа, но напомена и дека никогаш досега не биле толку интензивни и присутни манипулациите и дезинформациите насочени кон јавноста на регионот на Западен Балкан во однос на значењето на евроинтеграциите.

Схинас напомена дека медиумите имаат клучна улога во борбата против лажните наративи и странските дезинформации и напомена дека Унијата вложува 41 милион евра за поддршка за медуимите во Западен Балкан, во чии рамки е и борбата против дезинформациите.

-Нема да купуваме фудбалски тимови, нема да купуваме радио станици, нема да креираме популарност, туку сме одлучни да инвестираме во вистината и во доброто владеење, рече Схинас. Тој исто така го потенцира значењето на медиумската писменост во процесот на борба против дезинформациите, но и потребата од реформирање на медиумите во регионот, меѓу другото и преку креирање на транспаретна сопственичка структура.

Александру Гибои, генерален секретар на Европската асоцијација на новински агенции (ЕАНА), пред присутните истакна дека новинските агенции веќе прават многу во насока на борбата против дезинформациите.

Тој нагласи дека крајниот импакт на информациите е тоа што тие генерираат одлуки, односно се поврзани со изборот што го прават граѓаните и додаде дека е важно граѓаните да носат одуки, кои се базираат на објективни и веродостојни информации.

-Објективните медиуми се основа за чисто и безбедно општество, кое е заштитено од генералната бука, што ја создаваат лажните информации, рече Гибоу и додаде дека во оваа борба уште еднаш се согледала важноста на традиционалните медиуми, како и дека во време на зголемена потреба од информации граѓаните се вртат токму кон нив.

Ја потенцира и потребата да се допре до младите, преку внесување на новите технологии во медиумското работење, но ја истакна и важноста во инвестирање во медиумската писменост.

-Во спротивно ќе имаме непријатни изненадувања за десетина години, бидејќи ќе имаме публика, која нема да може да се справи со буката, што се прави на социјалните медиуми, потенцира генералниот секретар на ЕАНА и додаде дека во овие нови времиња се повеќе се зголемува важноста на новинските агенции.

Токму на важноста на новинските агенции во дистрибуцијата на објективни информации до граѓаните, се задржа генералниот секретар за информации и комуникации на Грција, Димитрис Галаматис истакнувајќи ја улогата на националните агенции во точното и веродостојно информирање.

-Националните агенции, освен што обезбедуваат објективност, имаат и клучна улога во проверката на фактите и веродостојноста на информациите. Ова е особено важно во период кога дезинформациите заземаат големи размери, истакна Галаматис.

Актуелниот претседавач на АБНА-ЈИЕ и директор на грчката новинска агенција АНА-МПА, Емилиос Пердикарис, истакна дека  оваа дебата се случува во период на големи геополитички случувања, кои секако влијаат и врз работата на медиумите. Нагласи дека воениот конфликт во Украина ги помести актуелните случувања, влијае врз целокупното општествено живеење, но и врз работата на медиумите.

Пердикарис истакна дека новинските агенции, кои се дел од АБНА-ЈИЕ имаат заедничка цел – да ја зајакнат соработката во борбата против дезинформациите, во услови на новите геополитички случувања, кои имаат големо влијание и во регионот на ЈИЕ.

Професорот по меѓународно новинарство на солунскиот Универзитет „Аристотел“, Никос Панајоту, говореше за потребата од вклучување на новите медиуми во работењето на традиционалните. Тој истакна дека е потребно да се создаваат објективни и веродостојни содржини, кои ќе бидат прилагодени за новите медиуми, како Инстаграм, со цел да се допре до пошироката публика, особено помладите.

И Панајоту го потенцира значењето на медиумската писменост, нагласувајќи дека е потребно да ја научиме публиката да конзумира вести, но исто така, посочи дека голема е важноста новинарите професионално да ја извршуваат нивната работа. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира