Новинарот и активист Џабир Дерала порача дека нема да се откаже од борбата за слобода, правда и правичност, вистина, човекови права и слободи и покрај заканите кои ги добива по неговиот живот.
Тој објави дека Јавното обвинителство по девет месеци од пријавата, одговорило дека нема простор за јавнообвинителско постапување по заканите по живот кој тој ги добил на социјалните мрежи, истакнувајќи благодарност до сите колеги кои го поддржуваат во битката.
„Кога минатата година, во декември, добив директна закана по мојот живот, мене ми беше јасно од каде доаѓа тоа. Ми беше јасно точно кој стои зад заканата и како е поврзан со центрите на моќта. Мониторинг тимот на ЦИВИЛ откри и повеќе детали и тоа го објави во извештај. Тимот отиде и еден чекор понатаму, па случајот го пријави во МВР и поднесе пријава до Јавното обвинителство. Тогаш, во декември, еден од најблиските членови на моето семејство ми рече дека ќе појде кај човекот што стои зад заканата да го понуди својот живот, за да ме поштеди мене. Можете да претпоставите кој во семејството може да каже такво нешто“ пишува Дерала.
Тој додава дека е непријатно да се живее со мета на грбот, кон која стрелаат „црните тројки“ на пропагандата на радикалните националисти, ултрадесничарите, антизападните и проруските оперативни центри на влијание.
„Неретко, во нападите има и директни закани со убиство или повици за егзекуција со стрелање, бесење, палење… И така секој ден. Интересно е тоа што голем дел од нападите се добро организирани. Иако на прв поглед се чинат како да ги напишал полуписмен човек, наративите што стојат зад тие пораки се внимателно осмислени. Неретко, нападите се напишани со кодиран јазик. Тоа е јазик со кој најчесто се користат новинарите, водителите и јутуберите, и се состои од навидум неутрални изрази и термини, но кои имаат длабоко негативно значење, а со кои ја наведуваат публиката кон одредени заедници или доведуваат одредени луѓе во врска со тие заедници, за кои, пак, се формирани стереотипи и предрасуди“ вели Дерала.
Тој на крајот порачува дека ваквите закани сепак не го одвраќаат од неговата борба.
„Ако куршумот некогаш и ме стигне, знам дека ќе заминам со исправена глава и гордо. Без оглед на можеби смешната поза на мртвото тело што ќе бидам насилно принуден да го напуштам. Со себе ќе понесам насмевка и топлина, бидејќи знам дека не сум сам. Борбата ќе продолжи. Тоа е борба за слобода, правда и правичност, вистина, човекови права и слободи… И не се сомневам: Ние ќе победиме“ заклучува Дерала.